ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Благица Петрески: Бесплатен ручек нема, но пензионирање на 67 години е најнепосакуван залак
Кај нас, сè уште, во масата вработени има категорија луѓе што целиот животен век го поминале во земјоделие или во индустрија. На пример, замислете на еден текстилен работник да му кажете: Од следната година нема да одите во пензија на 62 или на 64 години, туку ќе се пензионирате на 67 години!
Иако од Владата се изјаснија дека засега не се размислуваат за зголемување на старосната граница на пензионирање, сепак, препораката на Фискалниот совет таа да се зголеми на 67 години и за мажи и за жени од 2026 година, не престанува да ја вознемирува јавноста. Од друга страна, по линеарното зголемување на пензиите за 2.500 денари годинава, и најавеното зголемување во март идната година, ја влошува кондицијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Благица Петрески во разговор за емисијата „Слободен печат“ вели дека бесплатен ручек нема, но дека пензионирањето на 67 години е најнепосакуваното сценарио. Таа објаснува дека не треба да правиме споредби со други земји, затоа што имаме различна структура на економијата, а и различен животен век.
– Со пензиската реформа што настана во 2018 година, беа донесени две решенија: постепено да имаме раст на придонесите и истовремено да немаме ад хок зголемување на пензиите. На таков начин, двете категории, и вработените и моменталните пензионери, да придонесат кон самоодржливост на пензискиот систем – објаснува Петрески.
Реално, оваа реформска агенда не се исполнува, па клучното прашање е што да се прави сега.
– И да дојде до зголемување на старосната граница, затоа што знаеме дека одржливоста на пензискиот систем и понатаму ќе се влошува, вие не можете да им кажете на луѓето, видете од следната година ја поместуваме границата од 62 и 64 на 67 години. Тоа е бавен процес. Прво, треба секоја година по неколку месеци да се зголемува старосната граница за пензионирање за да се стигне потенцијално до таа граница. Треба да водиме сметка каква ни е секторската поставеност. Да, ние имавме транзиција од земјоделска економија кон индустриска, па сега сè повеќе се насочуваме кон сервисен и услужен сектор, меѓутоа, сè уште кај нас, во голема мера, од масата вработени има категорија луѓе што целиот животен век го поминале во земјоделие или во индустрија. На пример, замислете на еден текстилен работник да му кажете вие од следната година нема да одите во пензија на 62 или на 64 години, туку и ќе се пензионирате на 67 години – вели Петрески.
За консолидација на пензиската дупка мора да се најде решение, вели Петрески и споменува многу варијабли што треба да се анализираат: структура на населението, плата, идни очекувања за вработеноста, стареењето на населението, животниот век…
– Веројатно ќе треба и пораст на стапката на придонеси што се уплатува во пензискиот систем. Владата треба да направи поголем напор за да влезат во системот оние што не се регистрирани. Дел од вработените сè уште земаат плата во плик. Тука се и „фриленсерите“, кои треба да се стимулираат да уплатуваат придонеси. Тоа се мерки за кои треба да се размислуваат за да има повисок износ на собрани придонеси и поголема стабилност на пензискиот систем – вели Петрески.
Таа алармира Владата уште еднаш да ја преиспита одлуката за зголемување на пензиите за 2.500 денари, затоа што тоа ќе доведе до значајно зголемување на пензиската дупка.
– Јас и понатаму тврдам дека линеарното зголемување на пензиите по 2.500 денари што се случи и тоа што е најавено, во голема мера ќе предизвикаат дестабилизација на пензискиот систем, затоа што ако сега исплатувавме една третина од пензиите од буџетот, со промените тоа ќе се зголеми за речиси 10 процентни поени. Затоа велам дека нема бесплатен ручек – вели Петрески.
Товарот за надополнување на пензиската дупка некој мора да го понесе, а ако нема реформи и поголема наплата на придонеси, или се тековните вработени, или се тековните пензионери.
– Најнепопуларните сценарија се товарот да го поднесе една од категориите – пензионерите преку нивно намалување на пензиите или воопшто да немаат зголемување, или – тековните вработени преку зголемување на старосната граница. Тоа се двете непопуларни сценарија. И затоа, сега, шест години по реформата треба да погледнеме каде сме и како сме стигнале дотука и што нè очекува во следниот период – заклучува Петрески.
Таа објаснува дека не е коректно на долг рок постојано да има огромни трансфери од државната каса во Фондот за ПИОМ.
– Водете сметка дека на приходната страна во Буџетот имате луѓе што учествуваат преку ДДВ и кои никогаш во животот нема да стигнат до пензија. Од друга страна, ги кратите и тие ограничени средства во Буџетот за други намени, на пример, за капитални расходи или за други расходи што може да донесат развој – вили директорката на „Фајненс тинк“.
Во ВИДЕОИНТЕРВЈУТО (што е погоре) може да слушнете и за јавниот долг, буџетскиот дефцит….