Бети Стаменкоска Трајкоска / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бети Стаменкоска-Трајкоска: Ќе продолжам таму каде што Орце Ѓорѓиевски застана

Бети Стаменкоска-Трајкоска е пратеничка во Собранието на Македонија, но на локалните избори ја прифати понудата на нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ да биде кандидатка за градоначалничка на Општина Кисела Вода. Токму поранешниот градоначалник на оваа Општина, Орце Ѓеорѓиевски, ја инспирирал наместо на законодавната да се посвети на локалната власт.

– Пратеничката функција е една од ретките што дава можност да се анализира и да се работи на законски процедури и на можности што ги даваат законите, но соработувајќи со Орце Ѓорѓиевски, морам да бидам искрена, навлегов и во тоа што значи да се биде градоначалник. И тука се создаде еден предизвик, да кажам, една љубов кон оваа работа, бидејќи дава можност да се биде поблиску до граѓаните и ефектите на помошта што ја даваме да бидат уште поголеми. Нема многу разлика помеѓу пратеник и градоначалник кога станува збор за релација со граѓаните, ама убаво е и предизвикувачки да се биде во локалната самоуправа. Покрај сè, уште еден дополнителен акцент дава она што значи малку поголема застапеност на жените на таа функција, дека можеме да успееме, дека сме силни и дека и тоа како знаеме добро да работиме како жени – вели таа.

Стаменкоска-Трајкоска во интервјуто за „Слободен печат“ изјави дека сака да продолжи таму каде што нејзиниот претходник запрел, но во нејзините планови таа сака и да го надмине достигнувањето на Ѓорѓиевски и тоа, како што самата вели – со негова помош.

– Во изминативе денови на една преубава кампања, мошне позитивна, навистина се полневме со многу позитивна енергија од фидбекот од граѓаните. И тоа како планирам да продолжам како Орце, бидејќи јас поинаку не знам. Секој градоначалник треба да биде така поставен, поради тоа што блискоста со граѓаните и нивната искреност и отвореност даваат можност за нас, како градоначалници, да можеме да бидеме успешни. И во канцеларија има работа, затоа и постои администрацијата, но контактот со граѓаните мора секогаш да биде составен дел од работата. И тоа планирам постојано да го правам. Дури планирам и да го надминам претходниот градоначалник и тоа со неговата поддршка од Град Скопје, за да бидеме уште подобри за Кисела Вода, да има континуитет во напредокот – додава кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа вели дека особено внимание ќе посвети на проблемот со паркирањето во деловите на Општината каде што граѓаните имаат голем проблем.

– Еден од приоритетите во програмата е воспоставување нов ред во таа сфера. Ќе се градат нови паркинг-простори, како катна гаража, со цел да се намалува притисокот. Исто така, ќе има и монтажни гаражи, но и ред во паркирањето, што бара системска организација којашто, верувам, ќе даде резултати. Ќе продолжиме со реконструкција на улици, како и реновирање училишта и градинки, како на пример реконструкцијата на училиштето „Рајко Жинзифов“ во Пинтија – вели Стаменкоска-Трајкоска.

Таа најави и едносменска школска настава на територијата на целата општина, со цел децата да имаат доволно време да бидат со семејствата. Во нејзината програма има место и заедничката прослава на полуматурантите, што за првпат се организираше минатата година.

– Проектот полуматура е тоа што, нели, изминатиот градоначалник го започна со славење заедничка полуматура, со не толку многу трошоци за семејството, ама навистина со поддршка од Општината, од општествено одговорни фирми и така натаму. Да се направи нешто што значи убава забава за полуматурантите од Кисела Вода. Јас би сакала од наредната учебна година да направиме забава и за најмладите, односно за дечињата од прво одделение, па и тие сите да се соберат заедно на едно место – вели Стаменкоска-Трајкоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот