ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Бени Шаќири: МКЦ им припаѓа на сите граѓани – не на опструкција, туку на љубов и енергија
Во оваа епизода на „Слободно со Агнеса“, се сретнавме со Бени Шаќири, познат како фронтмен на рок групата „Нон стоп“, и денешен директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Мое трето кафе, а на Бени второ. Ја отворивме и темата за состојбата на МКЦ, културните политики и личната филозофија за музиката и животот.
За него, животот и раководењето на МКЦ се како музика: баланс меѓу љубовта кон уметноста, одговорноста и реалноста.
„Не правам планови за себе, туку за МКЦ. Сè што правиме е за младите, за љубителите на културата, и за сите граѓани“, рече тој.

МКЦ, институција со 50 години историја и родена од трагедијата на земјотресот во 1963 година, денес се наоѓа пред сериозни предизвици: долгови од околу 250.000 евра, затворени планетариум и кино, и голем дел од персоналот не примил редовна плата. Како директор, Бени е свесен на сите аспекти – од културната мисија до секојдневните проблеми со инфраструктурата.
Го прашав: „Зошто не си толку активен со музика? Се чини дека повеќе си во канцеларија, отколку на сцена“.
„Знаеш, јас сум мултипрактик. Ако треба да сум во канцеларија, сум тука, ама тоа не значи дека се откажувам од сцената. Сцената нема врска со канцеларијата – доаѓа од попладневните часови до доцна навечер. Никогаш не го користам МКЦ за сопствена музичка промоција“, ми одоговори тој.
И да, свирел во денсинг-салата, но никогаш на официјалната МКЦ сцена за настани.
„Безброј пати сум свирел во денсинг салата, но овде, официјално, никогаш. Не ја користам сцената за себе, туку за младите и културата“, сподели Бени.
Како Бени се справува со критиките упатени кон МКЦ и кон него лично, како директор на институцијата?
„Долговите се наследуваат. Јас наследив околу 13 милиони денари, и се бориме со тоа. Секој хонорар ќе биде исплатен. Кино Милениум има проблеми со проекторот, кровот прокиснува, ама тоа не е личен неуспех, тоа е инфраструктурен предизвик. МКЦ им припаѓа на сите граѓани, не на опструкција. Не е до мене – на крајот, сите културни институции имаат свои предизвици. МКЦ е тука за младите, не за политички спорови“, вели директорот на МКЦ.


