ВИДЕО+ФОТО | Еко-катастрофа: Тивко умира Коселска рекa, наместо риби – мали хидроцентрали

Колаж: СП. | Фото: СП. / Драган Митрески, Југослава Дуковска
Матна, непроѕирна каллива вода деновиве тече низ Коселска река. Поточно, низ она што некогаш беше река, бидејќи сега таа е само еден помал поток, а за некогашната бујност на нејзините води сведочат и исушените дрвја околу коритото.
Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески
Во рибникот на Тони Јованоски кај село Куратица пастрмките излегуваат на површина и се борат за кислород. „Мислам дека ова денес ќе го преживеат најголемиот дел од рибите бидејќи денес водата побрзо се избистри, ама не знам што ќе биде утре“, вели тој.

Во полицискиот билтен на СВР Охрид на 11 јули забележано е дека „поради градежни работи односно ископ во близина на речното корито за изградба на хидроцентралата „Извор” угинале околу еден тон риба.

„Со жабри полни кал и тиња се, кутрите, но најстрашното е што ова се повторува речиси секој ден откако почнаа да копаат во коритото на реката“, раскажува сопственикот на рибникот, сместен во живописната долина на Коселска река.

„Знаете каква чиста вода имаше во рекава, пред да почнат да ги градат хидроцентраливе, вели тој, како во Свети Наум!“.

Фото: Слободен Печат. / Југослава Дуковска

Коселска река е најголемата притока на Охридското езеро. Се влева кај извидничкиот камп помеѓу Далјан и патот за Струга. Се смета за еден од поголемите загадувачи на Охридското езеро. Но, горе, во подножјето на Плакенска планина од каде што извира, таа е извонредно бистра и брза планинска рекичка или барем беше додека не почна експлоатацијата на нејзините води.

Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески
На реката веќе има една изградена мала хидроцентрала, а во моментов се гради и втора, главно на места каде некогаш постоеле прочуените валавици, места каде жителите на овој крај им ги нуделе своите услуги на охридските домаќини за перење на јамболии и теписи.
Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески
Последните неколку години бизнисот со малите хидроцентрали стана далеку попривлечен од мачното валање ќебиња и јамболии, а реката стана извор на големи пари.
Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

„Не само што копањето во реката ги заматува нејзините води и носи кал надолу, убивајќи ми ги рибите, јас имам мака и од постојната хидроцентрала, која, кога не ѝ се вклучени турбините, поради тоа што снемало струја или имало дефект, комплетно ја запира водата со часови, а рибите во рибникот како и целокупниот жив свет во коритото на реката тогаш буквално умираат на суво“, раскажува Тони.

Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Додека трае застојот, реката ги полни огромните цевки и кога конечно ќе ја испуштат, во водата веќе нема живот.

Се обидел да разговара со сопственикот на хидроцентралата, но тој, вели, само ми исклучува телефон, иако го молам да се смилува. Одгледувам речна и охридска пастрмка, оригинал, со сертификат од Институтот во Охрид, ама таа сака чиста, проточна вода, во тиња и кал се дави и умира, вели Јованоски.

Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески
Нашата екипа на лице место кај машинската зграда на малата хидроцентрала наиде на заклучена врата и предупредување дека е забранет влез и снимање, но никаде немаше табла кој е сопственик на хидроцентралата.
Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Од жителите на селото бевме предупредени дека вработените на хидроцентралата се, во најмала рака, „проблематични“ и дека не би требало да ги иритираме со сликање и снимање. Два километри погоре, каде што е зафатот на малата ХЕЦ на реката, ловиме момент кога двајцата вработени се зафатени со нешто, брзо ја сликаме празната рибна патека и се оддалечуваме.

„На една повозрасна жена, која зборуваше против изградбата на хидроцентралата и дојдоа пред куќа и и се заканија дека може да ѝ се случи да се „лизне и да скрши нога, рака“ кога ќе оди во бавча, ако продолжи да зборува“, раскажуваат жители од тој крај со кои разговаравме при нашата посета. Секако, анонимно, не сакаат проблеми.

Фото: Слободен Печат. / Југослава Дуковска

Признаваат дека се исплашени, па решиле да си ја гледаат работата. На почетокот се бунеле, ама дел се замолчани со закани, а неколкумина се вработени како чувари и работници во хидроцентралата, па отпорот спласнал.

„На полицајците што дојдоа на увид им посочив да ја снимаат рибната патека, која треба да обезбеди нормален проток и за живиот свет во реката и за мојот рибник да има, не им се веруваше кога самите видоа дека вода воопшто не се испушта од хидроцентралата“, вели Јованоски и додава, „сета вода оди во турбините за да се прави струја“.

Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

„Беше тука пред два дена и државен инспектор за животна средина, го познавам, пријатели се со сопственикот на малата хидроцентрала“, вели сопственикот на рибникот „тој го контролира“, додава. Пред секоја контрола, му јавува- крени ја штицата и оп-рибната патека се полни со вода, и потоа наодот е уреден. После поморот, дојде инспекторот и наместо да каже што ќе превземе, нѐ предупреди да не тужиме оти газдата на малата хидроцентрала бил „многу јак човек и можел јаки адвокати да фати“, раскажува сопственикот на рибникот. Ако нему не му се важни рибите и реката, кому да се обратиме, прашува Јованоски. Се обидов штетата да ја пријавам и во Министерство за земјоделство ама оттаму ме вратија, ми рекоа- џабе се трудиш, фајде нема. Сега само си евидентирам колку килограми дневно умираат и толку.

Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Јовановски чека да профункционира правната држава. Уверен е дека, со доказите кои ги има обезбедено полицијата и Јавното обвинителство ќе има добар случај и дека ќе му се надомести штетата. Многу понеизвесна е судбината на рибите и на реката бидејќи се чини дека никому не му е гајле за нив. Иако се на само десетина километри од Охрид и грижите околу УНЕСКО, тие и натаму ќе се борат за вода и за живот и тивко ќе умираат.

Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Со оваа сторија, Слободен печат се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
Видео на денот