Тони Зен / Фото: Скриншот/Јутјуб

ВИДЕО | „Змии и ракови ми се шетаа под кревет“: Тони Зен се сети на опасното време во шоуто „Преживеан“

Тони Зен се присети на тешкиот период кога беше учесник во реалното шоу „Преживеан“ на Филипините и искрено раскажа дека спиел на мал кревет, а под него знаеле да поминат змии и ракови.

Во новото издание на поткастот „Естраден лексикон“, познатиот рапер се сети на искуство кое за него претставувало вистински животен пресврт. Сè започнало со еден неочекуван повик во момент кога се враќал од настап.

„Се враќам од настап, ми се јави тогаш Иво Јанковски и ми понуди да учествувам во шоуто. ‘А, не’ – викам ‘фала, фала многу’. Овие ме слушаат и ми се смеат. И Слаткар вели: ‘Што? Јави му се одма!’ Па оттука филмови вакви, такви, кариерата, тоа… одлучивме да отидеме.“

Патот до далечната дестинација бил долг и исполнет со строги протоколи.

„Има протокол за одење таму, еден ден чекање, па потоа Сингапур, па Манила со едно возило, а какви ни беа, како комбиња хипички, како хавајски онакви мали комбиња. Долг беше патот. ‘Здраво, добредојдовте, ова е Преживеан!’ И ние: ха-ха-ха, уште енергија во нас“, рече раперот.

Тони детално ги опишува суровите услови на „Островот на раковите“, каде опасноста демнела од секој агол, дури и за време на спиењето.

„Моето племе беше на островот на крабите. Така ги викаа – ракови големи, со пипките… ти спиеш под кревет, моравме да бидеме издигнати зашто тие ќе ти откинат нога, рака. На мали креветчиња вака стуткани, викаме, пцуеме… печевме банани, морска сол стававме, кој што најде да јаде, нешто брцнато во пепелта, во огнот, во жарот… па тоа го јадевме. И ослабев многу“, сподели Тони.

Изолацијата и дивата природа биле постојан потсетник дека во шоуто ништо не е загарантирано.

„Сега не знам како е, меѓутоа сме сами цело време. Може буквално оттаму да дојдат некои да те киднапираат и да си отидат. Може да дојде змија да ме касне без проблем. Мислам, тоа и се случи. Свети вака со батеријата и само: ‘Не мрдај, не мрдај!’ Сè е отровно. Добивме награда фенер, среќа можевме да гледаме што има околу нас. Под мене, под креветот, пајак имаше колку раката, а ние си лежиме, разбираш?“

Иако поминало време, Тони сè уште верува дека доколку гласањето се одвивало во поинакви околности, резултатот би бил поинаков. Тој го освои второто место.

„Да беше тогаш гласањето, јас сум 100% и ден-денес убеден дека ќе победев јас“, рече Тони.

„Тогаш се случува финалето во Белград, три месеци подоцна откако тоа сè завршува со емитување. И ти седиш дома, го гледаш тоа и сега на твоите им кажуваш што ќе се случи“, го праша водителот.

„Не, на никој! Ова е ‘Преживеан’, животот е во прашање“, рече раперот.

ПОТКАСТ „Со Ана на ТИ“ | Тони Зен: Единствено што ми недостасува кај децата денес е тоа што немаат респект

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот