ВИДЕО | Жители на Карпош 3 се жалат на бучава и неред од угостителски објекти, Општината тврди дека веднаш постапила
Граѓаните се најмногу разочарани од Општината затоа што, како што велат, додека некои општини поставуваат правила за бучавата од угостителските објекти, Карпош ги затвора очите пред проблемот со кој се соочуваат речиси секоја вечер. Но, од Општина Карпош тврдат дека постапиле по пријавата за нарушување на мирот поради бучава од локалите „Буре“ и „Кај Мрки“.
Граѓани од Карпош 3 подолг период имаат мака со два угостителски објекти што поради гласната „жива“ музика и кавгите на поднапиените гости, како што тврдат, ги оставаат без сон до доцна во ноќта. За својот проблем тие повеќепати пријавувале во полиција и во други надлежни институции, но состојбата и натаму е непроменета.
Препорачано
Има жива музика речиси секој ден, независно дали е час за одмор (од 15 до 17 часот) или по 23 часот. Забавите траат до 1-2 по полноќ, а потоа започнуваат кавги и закани помеѓу напиени гости со газдата. Во текот на една прослава – раѓање на дете, според сведоци, имало пукање со огнено оружје околу полноќ, на кое гостите аплаудираа и наздравуваа. Во текот на прославите неколкупати се забележани и малолетни деца што по излегување повраќаат веднаш на улицата, се качуваат во кола и продолжуваат со возење – се вели во дописот до нашата редакција од станарите од неколку згради што се наоѓаат во близина на овие локали.
Тие велат дека редовно пријавуваат во полиција, но дека оттаму се оградуваат дека можат дека преземат нешто само за тој ден, по мерење со фонометар, но не можат да преземат ништо долгорочно, дека за тоа се одговорни надлежните од Општината и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Жителите испратија и видеоснимка за да покажат со што се соочуваат речиси секоја вечер.
Последната пријава до полицијата била деновиве, откако уште напладне поради прослава на роденден од локалите ечела гласна музика што траела со часови. На нивна пријава дошла полиција, па тие ја намалиле музиката, за половина час подоцна да ја пуштат уште погласно.
Помош побарале и од Државниот инспекторат за животна средина од каде што им било речено дека тоа не е нивна надлежност.
Во согласност со законската регулатива од 1 септември 2005 година, за угостителски објекти се надлежни општинските инспектори за животна средина, во случајов од Карпош. За непостапување по претставка, следна инстанција за жалба е Државен управен инспекторат, кој врши надзор над инспекциските служби во согласност со Законот за претставки и предлози – е одговорот од ДИЖС.
Граѓаните се најмногу разочарани од Општина Карпош затоа што, како што велат, додека некои општини „поставуваат стриктни правила за бучавата од угостителските објекти, Општина Карпош ги затвора очите за еден реален проблем со кој се соочуваат карпошани речиси секоја вечер“.
Но, од Општина Карпош тврдат дека постапиле по пријава на граѓани за нарушување на мирот поради бучава од локалите „Буре“ и „Кај Мрки“.
Ве известуваме дека овластениот инспектор за животна средина од Општина Карпош веднаш излезе на увид на терен до двата посочени објекти и во согласност со законските прописи, доставена им е покана на сопствениците за доставување на целосната документација за објектите, според која може да се започне инспекциска постапка. За овој и за слични случаи на пријави на територија на општината, овластениот инспектор за животна средина е во постојана соработка и координација со Полициската станица Карпош и заеднички постапуваат според своите надлежности и ингеренции – велат од Општината за „Слободен печат“.
Од МВР соопштија дека била примена пријава од граѓани, по што екипа од ПС Карпош извршила увид, но не утврдила основ за да се изрече каква било казна.
Општина Аеродром затворила два локала, но не кажува точно кои објекти работеле незаконски
Проблем со гласната музика од локалите што се наоѓаат среде урбани населби имаат и жители од другите општини. Во текот на декември општинските инспектори на Аеродром вршеа контроли и мерења на прекумерната бучава, со цел заштита на здравјето, мирот и квалитетот на живеење на граѓаните. Тие ги повикаа жителите да пријавуваат во Општината доколку се изложени на прекумерна бучава во доцните часови и соопштија дека доколку нивото на бучава при вршење на угостителска и туристичка дејност ги надминува пропишаните гранични вредности, ќе бидат изречени глоби.
Неколку денови потоа од Аеродром информираа дека по пријави на жители, забрана за работа добиле два локала на територија на општината, но на прашањето за кои локали точно станува збор, не дадоа одговор.
И центарци се соочуваат со гласна музика од локалите што се концентрирани на неколку локации. Кафе-барот „Интермецо“ во Капиштец е долгогодишна главоболка на жителите од околните згради, а за преголема бучава во последните години повеќепати е парично казнет од општинскиот инспектор на Центар, па дури беше и затворен на десетина дена. Слично беше и со кафулето „Мош“, кое исто така неколкупати заработи казна.
Мир немаат ниту граѓаните од Дебар Маало, од Лептокарија и од други населби низ Скопје, затоа што ниту казните не ги спречуваат сопствениците да продолжат со малтретирање на граѓаните, кои се принудени во сопствените домови да седат и да спијат со затворени прозорци во обид да го сочуваат мирот и сонот.


