ВИДЕО | Зарина Првасевда: Традиционалната музика е џезот, односно блузот на мојот народ

Фото: Слободен печат

Зарина Првасевда стана препознатлива по впечатливите изведби на наши традиционални македонски песни низ планинските врвови, а сега веќе можеме да ја слушаме и на домашните и на меѓународните професионални музички сцени.

Автентична во својот музички израз, една од ретките со кои можеме да се пофалиме дека достоинствено застанува рамо до рамо со големите имиња од светската музика, музиката на народите од целиот свет.

Последниот нејзин настап беше во рамките на годинешниот „Оф фест“, каде што уште еднаш ја воодушеви присутната публика, а за нејзините почетоци, избори, инспирации, импресии и амбиции зборувавме во „Утрински печат“.

„Јас поголемиот дел од детството го поминав во Демир Хисар и имав можност вистински и одблиску да го допрам фолклорот, таков, каков што е, бидејќи дури и денес е сѐ уште жив таму. Тоа што и тогаш го мислев, а и сега можам да го кажам од оваа позиција, е тоа дека е многу важно, човек вистински да верува, вистински да знае што сака, да се преиспита неколкупати, пред да тргне онаму каде што замислил и потоа работите некако ќе се склопат една по друга. Мене ми се случи тоа на 25 години, што мислам дека е доцна, бидејќи ми се скратува времето да го кажам она што имам, за традиционалната музика на овие култури кои ги истражувам.

Сепак, мислам дека сѐ се случува тогаш кога треба, кога е право време и можеби на некој начин универзумот чекаше да бидам подготвена, бидејќи традиционалната музика, фолклорот, истражувањето во различни култури и јавните настапи, носат едно свое бреме, односно одговорност, тоа да биде во рамките на автентичноста.

Од друга страна, живеам во време во кое и јас сум дел од алтернативни кругови, ја почитувам таа сцена и сакам традиционалната музика да ја вклопам во сето тоа. Но, тоа го правам со голема одговорност и многу грижа во однос на естетиката што ја пренесувам, за тоа да звучи урбано од една страна, но да остане и во духот на автентичното и традиционалното и да не се изгуби емоцијата која е многу важна и е клучот во изведувањето на оваа музика“, објаснува Зарина.

Еден од најголемите предизвици за музичарите што се одлучиле да се занимаваат со традиционална музика е да направат спој помеѓу современиот музички звук и автентичниот традиционален израз, што Зарина со својот бенд го прави мајсторски добро.

„Музиката ме избра мене, затоа што многу интензивно ја доживувам и тоа е така откога паметам за себе. Коментарите што сега ми ги пишуваат луѓето што ја слушаат мојата музика, буквално истите тие коментари јас ги живеам кога слушам таков тип традиционална музика. На некој начин се чувствувам како медиум што треба да пренесе нешто од предците на оваа генерација сега. Ние имаме богата ризница од вокални изведби на нашиот регион, на македонското поднебје, каде што секој има своја автентичност во изведувањето и се трудам да го правам тоа така, со многу љубов и емотивна поврзаност со песните.

Во Македонија имаме богатство, кое не сум сигурна дека сите, особено мојата генерација го познава, а во суштина тоа е џезот, односно блузот на мојот народ и јас сакам да го кажам тоа на светот. Не сум сигурна дали свеста кај нас во овој момент е на тоа ниво, да го препознаеме нашето богатство, она што ни е оставено од предците и тоа истото да го поддржиме и да го презентираме надвор во светот“, вели Зарина за непроценливата вредност на нашата традиционална музика.

Љубовта кон музиката и природата се чини како вистински спој за Зарина, која е страстен вљубеник во природата, планинарењето и откривањето нови недопрени предели, кои ѝ се инспирација во интерпретирањето на нејзината музика.

„Природата ми ја бои интерпретацијата, поради тоа што во повеќето од традиционалните песни, особено оние постарите, љубовните, обредните, имаме екстремно многу компарации со природата или случувања во природата. Јас кога ги слушам тие песни, буквално ми се случува филм во главата, ги замислувам како сцени и природата ми помага во тоа.

Ќе видам птица, ластовица, шумот на дрвјата… има многу вакви работи што се магичен спој помеѓу традиционалната музика и природата. Во секој случај мислам дека враќањето кон природата е враќање кон себеси, кон срцето, кон вистинските вредности“, вели Зарина за нејзината поврзаност со природата.

Повеќе од разговорот со Зарина можете да погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот