ВИДЕО | Враќањето на 100-те Бенински бронзи од Кембриџ го става Британскиот музеј во неизвесна положба
Музејот за археологија и антропологија (MAA) на Универзитетот во Кембриџ ѝ врати над 116 скулптури познати како Бенински бронзи на Нигерија, соопшти институцијата. Овој потег дополнително го зголемува притисокот врз Британскиот музеј и други големи европски музеи да ги вратат предметите одземени за време на колонијалната ера, пренесува „Обсервер“.
Препорачано
Станува збор за уметнички дела кои британските сили ги одзеле 1897 година за време на воена експедиција против тогашното Кралство Бенин, на територијата на денешна Нигерија. Меѓу предметите се комеморативни глави на бенински владетели, релјефи со прикажани војници и животни, како и маски и нараквици од бронза, слонова коска и дрво.
Одлуката на Кембриџ
Директорот на музејот, Николас Томас, изјави дека по „длабока и детална анализа“ преовладува мислењето дека институцијата треба да се откаже од сопственост над сите предмети одземени во 1897 година.
„Направивме пауза за да обезбедиме појасна рамка. Во јули минатата година, Универзитетскиот совет потврди дека преносот на сопственост треба да продолжи. Околу 100 бронзи ќе бидат вратени во Нигерија во следните неколку месеци за сметка на универзитетот, додека преостанатите 16 скулптури ќе останат во Кембриџ на заем“, изјави Томас.
Генералниот директор на Националната комисија за музеи и споменици на Нигерија, Олугбиле Холовеј, оцени дека одлуката на Кембриџ може да предизвика домино-ефект и да доведе до враќање на артефакти од други институции, вклучително и од Британскиот музеј, кој во својата колекција има околу 900 Бенински бронзи, најголема колекција од овој вид во светот.
Бенинските бронзи се предмети направени од месинг, бронза и слонова коска, и се симбол на африканско уметничко и технолошко достигнување. Тие биле одземени од британските сили како одмазда за убиството на седум британски службеници. Британските војници и морнари однеле повеќе од 5.000 бронзени и месингани работи и резби од слонова коска, многу од нив завршиле во музеи во Британија, Европа и САД.
Вредноста на овие бронзи растела во текот на 20. век, а некои колекционери ги купиле за милиони фунти по еден примерок.
Меѓународен тренд
Овој потег следи по враќањето на над 1.000 предмети од Германија во 2022 година и 119 артефакти од Холандија во 2025 година. Британскиот музеј, сепак, се повикува на Закон од 1963 година, кој го ограничува трајното отуѓување на предметите од колекцијата. Критичарите сметаат дека законот се користи како бариера за реституција и дека британските национални институции заостануваат зад меѓународната пракса, што може да има негативни репутациони последици.


