Лица со попреченост/фото: Александра Вуксановиќ /Слободен печат

ВИДЕО | Вработена во Град Скопје малтретирала колега со Даунов синдром

Страшно е тоа што му се случувало на работа, но уште пострашно е тоа што никој не изреагирал, не пријавил замислете. Никола доживува страшен стрес, почна да му се јавува алопеција – вели мајка му.

Никола Стојановски (21) вработен во Град Скопје, пред месец дена се соочил со психичко и физичко насилство од колешка. За него ова е прво работно место од февруари оваа година и сите овие месеци одел среќен на работа сè додека една од колешките не почнала прво вербално да го напаѓа. Ситуацијата ескалирала откако таа почнала да го влече, да му ги фрла личните предмети, да го тегне за облеката, го исфрлила од канцеларијата и му ја заклучила вратата. Ова малтретирање траело два дена, сè додека друг колега кој посведочил на немилите настани не ја известил Сузана Стојановска, мајката на Никола, која е самохран родител.

 

– Лицата со попреченост не ги кажуваат лошите работи, ги кријат во себе. Никола не ми кажа низ што поминувал, туку негов колега. Сè до почетокот на септември тој со радост одеше на работа, но оттогаш почнав да забележувам први знаци на отпор кон работата. Страшно е тоа што му се случувало на работа, но уште пострашно е тоа што никој не изреагирал, не пријавил замислете. Никола доживува страшен стрес, почна да му се јавува алопеција – вели Стојановска.

Таа за „Слободен печат“ раскажува дека иако е преместен во друг оддел тој со страв оди на работа бидејќи кога повторно ќе го сретнела истата колешка продолжувала со истото оденсување.

Никола се плаши да оди на работа.

– Страв ми е да одам на работа,  се чувствувам безбедно единствено покрај неколкуте колеги кои се моја заштита – рече тој.

Никола Стојановски о Сузана Стојановска/фото: Методиј Здравев/ Слободен печат

Овој инцидент беше повод родителите на деца со попреченост денеска да се соберат пред Собранието на мирен протест.

– Човековото достоинство нема попреченост. Случајот со Никола не е само поединечен инцидент туку огледало на системот кој треба да штити, а не да повредува. Нашите деца, се вработуваат според Законот за вработување, тие се интегрирани во јавни и приватни институции со цел да придонесуваат, а не да бидат понижувани, игнорирани или уште полошо, малтретирани. Не бараме милост, туку правда, бараме институциите да го спроведат законот, а не да го користат како параван за формално вработување без реална поддршка. Законот јасно ги предвидува условите на едно вработено лице со попреченост. Нема да молчиме пред насилството – порачаа тие.

Лица со попреченост/фото: Методиј Здравев/ Слободен печат

– Жалам што во 2025 година кога треба да се радуваме на секое лице со попреченост кое нашло свое работно место, ние се собираме овде и протестираме како да сме во 19 век – вели мајка на лице со попреченост.

Лица со попреченост/фото: Методиј Здарвев/ Слободен печат

 

– И јас сум лице со попреченост. Ја видов оваа одлична иницијатива за поддршка на друго лице лице со попреченост кое беше дискриминирано на работа, ова не е добро. Нему му беше забрането да работи таму каде што има стабилно работно место. Ги повикувам сите и премиерот на земјата г-дин Христијан Мицковски еднаш засекогаш да апелира да не се малтретираат луѓето со посебни потреби. Лицата со посебни потреби отсекогаш биле посебни и ќе бидат посебни, еднаш засекогаш – изјави младо момче во количка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот