Пукање на Универзитетот Браун на Род Ајленд/Фото: Профимедиа

ВИДЕО | Трилер по пукањето на универзитетот во Род Ајленд, еден осомничен е фатен, па ослободен

24-годишниот маж кој беше уапсен неколку часа претходно како осомничен за нападот на Универзитетот Браун во Род Ајленд, САД, во кој загинаа двајца студенти во саботата навечер, конечно е ослободен, пренесува Дејли ехо.

Главниот обвинител на Род Ајленд, Питер Нероња, изјави дека 24-годишникот е ослободен бидејќи доказите „сега укажуваат во друга насока“, иако претходно „имаше докази што укажуваа на ова лице“.

Од своја страна, шефот на полицијата објасни дека властите имаат докази, но не доволно за да поведат постапка против некого. Како што рече, имало дојава и ФБИ „ја следело и на крајот го пронашло ова лице“. Сепак, доказите биле испитани и лицето на крајот било ослободено, додаде тој, тврдејќи дека таков пресврт е нормален дел од истражниот процес.

„Доволно долго сум во бизнисот за да знам дека понекогаш одите во еден правец, а потоа мора да се прегрупирате и да одите во друг правец, и токму тоа се случи во последните 24 часа“, рече главниот обвинител на Род Ајленд.

24-годишникот бил уапсен во хотелот „Хемптон Ин“ во Ковентри. За време на рацијата, полицајците го прашале каде бил во претходните часови, а тој одговорил дека не го напуштил хотелот. Во собата биле пронајдени две оружја, револвер и мал пиштол „глок“ со прикачен ласерски нишан.

Нападот на Универзитетот „Браун“

Пукањето се случи во сабота попладне, кратко по 16 часот по локално време, во училница во зградата за инженерство „Холи“, на источната страна од кампусот на „Браун“ во Провиденс. Двајца студенти се убиени, а девет други се повредени. Градоначалникот на Провиденс, Брет Смајли, изјави дека седум од повредените се во стабилна состојба, еден е во критична состојба, а еден е отпуштен од болница. Претседателката на универзитетот, Кристина Паксон, изјави дека сите жртви се студенти.

Според официјалното соопштение од универзитетската администрација, вооружениот човек почнал да пука во близина на зградата „Барус и Холи“, каде што во тој момент се одржувале испити. Веднаш била испратена предупредувачка порака до студентите и персоналот, со јасни инструкции: „Затворете ги вратите, ставете ги мобилните телефони на нечујно и останете скриени до понатамошно известување“. Универзитетот „Браун“ има околу 11.000 студенти.

За вооружениот напад беше информиран и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој им рече на новинарите: „Ужасно е“, додавајќи дека „сè што можеме да направиме во моментов е да се молиме за жртвите и за оние кои се сериозно повредени“.

Ново масовно пукање во САД – двајца загинати, девет повредени на Универзитетот Браун

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот