ВИДЕО | Страшна експлозија во складиште во Мјанмар, загинаа најмалку 50 луѓе
Повеќе од 50 луѓе загинаа во силна експлозија во објект во североисточен Мјанмар, каде се складирале експлозиви за рударски активности, пренесува Дојче веле.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според спасувачките служби, над 70 луѓе се повредени, но билансот може да расте.
Експлозијата се случила во селото Каунгтуп, во општината Намкам, на околу три километри јужно од кинеската граница.
Областа е под контрола на Таангската националноослободителна армија (ТНЛА), етничка бунтовничка група која повремено води борби против централната влада на Мјанмар.
Спасувачите, цитирани од Асошиејтед прес, наведуваат дека меѓу 40 и 46 луѓе го загубиле животот, меѓу нив и деца. Според извори на АФП, пак, бројот на жртви се движи меѓу 46 и 59.
Мјанмарски медиуми, вклучително и онлајн новинската агенција Шве фи мјај од државата Шан, објавија дека бројот на загинати е меѓу 50 и 55 луѓе.
Според локалните медиуми, експлозијата оштетила голем број станбени објекти во околината.
Спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по тела затрупани под урнатините. Болницата во Намкам соопштила дека се соочува со сериозен недостиг на резерви на крв за лекување на повредените.
Кинеската државна телевизија Си-си-ти-ви објави дека, според првичните истраги, експлозијата се случила на локација каде биле складирани големи количества експлозив што се користи во рударските операции.
Што соопшти бунтовничката група?
Во соопштение објавено на својот канал на Телеграм, ТНЛА потврди дека нејзиниот економски оддел складирал гелигнит за употреба во рудници и каменоломи.
ТНЛА изрази сочувство до жртвите од експлозијата и најави темелна истрага.
Иако гелигнитот широко се користи за рударски работи и минирање карпи, со текот на времето може да стане многу нестабилен доколку не се складира правилно.
ТНЛА е дел од бунтовничката алијанса „Три братства“, која се бори за поголема автономија на етничките заедници.
Групата ја контролира областа Намкам откако Алијансата и нејзините сојузници започнаа голема офанзива против мјанмарската војска во североисточниот дел на земјата кон крајот на 2023 година.
ТНЛА потпиша примирје со мјанмарската војска во октомври минатата година по разговори посредувани од Кина, но односите меѓу двете страни и натаму остануваат затегнати.
ВИДЕО | Експлодираше фабрика за огномет во Кина – 26 луѓе се мртви и 61 повреден


