ВИДЕО | Експлодираше фабрика за огномет во Кина – 26 луѓе се мртви и 61 повреден
Експлозија во фабрика за огномети во кинеската провинција Хунан усмрти најмалку 26 луѓе и повреди 61, пренесува Би-би-си.
Препорачано
Спасувачките акции завршија во фабриката „Хуашенг“ во јужниот град Лиујанг, откако експлозија во понеделникот попладне ги принуди властите да евакуираат во радиус од три километри околу постројката.
Властите распоредија повеќе од 1.500 спасувачи, како и кучиња, дронови и роботи. Спасени се седум луѓе кои биле затрупани под урнатините.
Полицијата, која ја истражува причината за експлозијата, презела „мерки за контрола“ против одговорните лица во компанијата за огномети, пренесуваат кинеските медиуми.
„Две складишта за барут во рамките на фабриката претставуваа висок ризик за време на спасувачките операции“, изјавија локалните власти.
Покрај евакуацијата на населението во близина на фабриката, спасувачите презеле и мерки за да се држи подрачјето влажно, со цел да се спречат секундарни несреќи.
Експлозијата била толку силна што ги искршила прозорците на блиска станбена зграда, изјави репортер на ЦЦТВ во телевизиски прилог од местото на настанот.
Повредените се на возраст од 20 до 60 години, а дел од нив имаат скршеници предизвикани од летечки парчиња.
Претседателот Си Џинпинг повика на максимални напори за пронаоѓање на исчезнатите и спасување на повредените. Тој исто така побара истрага за несреќата за да се утврди одговорност.
Локалните власти соопштија дека го следат квалитетот на водата и воздухот во околината и дека релевантните еколошки показатели се во нормала.
Жителка која живее на околу еден километар од фабриката изјави за „Пекинг Њуз“ дека локалците сега мора да одат по заобиколни патишта, бидејќи камења биле исфрлени на патот од експлозијата.
„Стаклата на прозорците во нашите домови се искршени, алуминиумските рамки се деформирани, а дури и вратите од не’рѓосувачки челик се искривени“, рече таа.
Друга жителка изјавила дека го напуштила селото од страв.
Градот Лиујанг е познат по производството на огномети и важи за најголем светски производител.
Експлозиите во фабрики и продавници за огномети не се реткост во Кина – и често имаат смртоносни последици. Во изминатиов февруари, 12 луѓе загинаа во експлозија во продавница за огномети во провинцијата Хубеи.


