ВИДЕО: Бутел се труе и вечерва е рекордер во екстремни нивоа на загадување
Вечерва на повеќе сообраќајници во Скопје е регистрирана значително намалена видливост, што остава впечаток на комбинација од магла и смог, а општината Бутел се издвојува како најзагадената локација во државата.
Препорачано
Според податоците од платформите за следење на квалитетот на воздухот, концентрациите на ПМ честичките во земјата се високи, а некои населби влегуваат во зоната на „многу нездрав“ воздух, според веб-страницата „IQicn“.

Најлошата состојба вечерва е регистрирана во општина Бутел, која се издвојува како најзагадена локација во државата, со индекс на загаденост AQI од 500. Високи нивоа на загадување се измерени и во други делови од Скопје, како и во неколку градови низ земјата.
Индексот на квалитет на воздухот (AQI) се користи за прикажување на степенот на загаденост и потенцијалните здравствени ризици и обединува повеќе параметри на загадување на воздухот
За пример, ова се критериумите за опасноста од загадувањето, информира „Ер нау“.
- Зелено – Добар (0–50): Квалитетот на воздухот е задоволителен и загадувањето претставува мал или никаков ризик по здравјето.
- Жолто – Умерен (51–100): Квалитетот на воздухот е прифатлив. Сепак, кај одредени лица, особено оние кои се почувствителни на загадување, може да се појави мал здравствен ризик.
- Портокалово – Нездрав за чувствителни групи (101–150): Лицата од чувствителните групи може да почувствуваат здравствени последици, додека кај општата популација е помалку веројатно да има негативни ефекти.
- Црвено – Нездрав (151–200): Дел од општата популација може да има здравствени последици, а кај чувствителните групи тие може да бидат посериозни.
- Виолетово – Многу нездрав (201–300): Здравствено предупредување – зголемен е ризикот од здравствени последици за сите.
Темноцрвено (бордо) – Опасен (301 и повеќе): Вонредна здравствена состојба – сите лица се изложени на сериозен ризик по здравјето.
Во видео на екипата на „Слободен печат“ се гледа маглата што вечерва е присутна на повеќе места во Скопје.


