ВИДЕО | Скандал за Борац Чачак: Очекувавме победа на МЗТ Скопје, но ова е многу смешно

фото: MZT Skopje Aerodrom/Danail Petrovic

Со неверојатната игра во третата четвртина, која МЗТ Скопје Аеродром ја доби со фантастични 30:5, кошаркарите на Драган Николиќ дојдоа до посакуваната победа над Цибона (87:74) во последниот меч од регуларната сезона во АБА лигата, која им носи надеж за избегнување директно испаѓање од јадранската елита.

МЗТ сега има скор 7:19, односно една победа повеќе од директниот конкурент Борац Чачак, кој денеска од 19.00 часот ќе му гостува на црногорскиот Будуќност. Српскиот тим има подобар меѓусебен скор со македонскиот шампион, што значи дека мора да загуби во Подгорица за екипата од Аеродром да ја задржи посакуваната 13 позиција на табелата, што носи бараж со второпласираниот тим од АБА2 лигата.

Судбината на МЗТ е сега во рацете на Будуќност, од таборот на нашиот првак веруваат дека црногорскиот клуб ќе го даде максимумот и ќе го совлада Борац Чачак.

Нашата судбина е во рацете на Будуќност. Нашето срце е спортско и во него нема простор за никаков сомнеж. Уверени сме дека кошаркарите од Подгорица ќе дадат сѐ од себе за да победат на вечерашната пресметка, со цел да покажат дека ферплејот е вграден во нивните гени, како што чистиот образ и честа се и тоа како врежани во ДНК-то на секој Црногорец. На МЗТ Скопје Аеродром му е неопходна АБА, но истовремено и на АБА и е потребен клуб како МЗТ Скопје Аеродром – организиран, стабилен, со прекрасна арена и услови за кои повеќе од половина учесници може само да сонуваат. Исто како што ѝ треба и Македонија како држава. Затоа, вечерва нека победи кошарката во Подгорица! Нека победи подобриот на паркетот, а не надвор од него – пренесуваат од КК МЗТ Скопје Аеродром.

КК Борац Чачак го следаше вчерашниот меч во Скопје во кој забележаа еден момент кој според Србите е сомнителен. КК Цибона украде една топка, односно Ловро Мазалин тргна во контра, беше сам, но не успеа да реализира, на што веднаш реагираа од КК Борац Чачак.

– Очекувавме победа на МЗТ, но ова!? Вакво нешто одамна немавме прилика да видиме, дефинитивно скандал кој долго ќе го памети оваа смешна лига… Уште еднаш да повториме, АБА лигата треба да поработи околу местењето натпревари бидејќи ова беше многу смешно и очигледно – стои во објавата на КК Борац Чачак.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот