Ник Рајнер во судницата / Роб и Мишел Рајнер / Фото: Скриншот/Јутјуб/Profimedia

ВИДЕО | Синот на Роб и Мишел Рајнер се изјасни дека не е виновен за убиството на неговите родители

Синот на холивудскиот режисер Роб Рајнер, 32-годишниот Ник Рајнер, се изјасни дека не е виновен по обвинението за убиството на своите родители. Тој се појави пред суд во Лос Анџелес, каде што е обвинет за смртта на татко му и мајка му, Мишел Сингер Рајнер, кои во декември беа пронајдени со повеќекратни убодни рани во нивниот дом во елитната населба Брентвуд, пренесе Би-би-си.

За време на рочиштето за изјаснување по обвинението, Рајнер носеше кафена затворска униформа. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува доживотен затвор без можност за условен отпуст или смртна казна.

Обвинителството тврди дека тој смртно ги избол татко му и мајка му во спалната соба од нивниот дом, по што избегал. Рајнер се наоѓа во притвор, а следното судско појавување е закажано за 29 април.

Телата на Роб Рајнер (78) и Мишел Сингер Рајнер (70) ги пронајде нивната ќерка на 14 декември. Според судско-медицинскиот извештај на округот Лос Анџелес, причината за смртта се „повеќекратни повреди нанесени со остар предмет“.

Против Ник Рајнер се поднесени две обвиненија за убиство од прв степен, со посебна околност за повеќекратно убиство. Американските медиуми објавија дека тој и неговиот татко претходната вечер присуствувале на забава и имале расправија, но извештаите се разликуваат во однос на сериозноста на наводниот конфликт.

Роб Рајнер со сопругата Мишел Сингер / Фото: Profimedia

Рочиштето првично беше закажано за јануари, но потоа беше одложено откако адвокатот Алан Џексон се повлече од случајот поради причини за кои наведе дека се надвор од неговата и од контролата на клиентот. Новата адвокатка, Кимберли Грин, во понеделникот во негово име ја поднесе изјавата за невиност. Ник Рајнер добива бесплатен адвокат кој го плаќа државата, како обвинет кој не може самиот да ги покрие трошоците на одбраната.

Да потсетиме, Роб Рајнер е режисер на култни филмови како „Ова е ‘Спајнал Тап’“ (This Is Spinal Tap), „Принцезата невеста“ (The Princess Bride), „Кога Хари ја запозна Сали“ (When Harry Met Sally) и „Биди покрај мене“ (Stand By Me), додека Мишел Сингер Рајнер беше актерка, фотографка и продуцентка, како и основач на фотографската агенција и продукциска куќа „Рајнер лајт“.

Режисерот Роб Рајнер и неговата сопруга пронајдени мртви, полицијата истражува двојно убиство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот