ВИДЕО | Син ми е претепан после училиште, со скршен нос и интервенција, мајка од Скопје бара санкционирање на меѓуврсничко насилство

Кристина Андриќ-Стојановска просветен работник од Скопје, бара правда за нејзиниот син, 15-годишно момче кое во петокот било брутално претепано на враќање од училиште. Упатувајќи се кон автобуска станица, кон него се втурнал соученик, кој со бокс го удрил. Крвавата сцена завршила со голем број на трауми за детето, но и со тешки телесни повреди, скршеница на носот, поради што денеска закажана му е интервенција. Андриќ-Стојановска е разочарана што целиот викенд, додека таа и нејзиното дете во болки и на медикаменти се обидувале да се справат со стресот и здравствените лавиринти и снимања на Клинички центар, од семејството на детето што го нападнало, немало ниту телефонски повик. Нејзиниот син има голем оток кој го зафаќа и пределот на окото, скршеница на носот, подливи, модринки. Сцената на тротоарот каде што бил нападнат сведочи за бруталноста – крвави дамки насекаде. Мајката која и самата е просветен работник смета дека меѓуврсничкото насилство во основните и средните училишта се става под тепих.

-Од позади, залетан, го удрил странично во левата страна од носот со бокс. А потоа избегал. Случајни минувачи се стрчале по него но не успеале да го фатат. Исто така случајни минувачи викаат полиција и брза помош. Кога доаѓа брзата помош, син ми губи и свест. Полицијата се јавила кај класната после што бев известена и јас. Мајката на детето насилник е известена од класната но воопшто не најдоа врмее да се јават, да видат како е моето дете, вели таа за „Слободен печат“. 

Таа бара овој случај да не се заташка со вообичаениот изговор на сите училишта „дека ова не се случило во нивните простории“ туку надвор.

-Не дека се работи за мое дете, но моето дете не знае да се тепа. Такво си е едноставно детето. По ова што го поминав ќе ја барам правдата и на суд. Ќе барам најстрога казна од училиштето и покрај тоа што настанот се случил надвор од училиштето. Тие како училиште мора да дадат казна. И јас работам во образование и мора да дадат казна а не да помине ова туку-така. Многу ми е интересно што претепувањето на син ми го нема во полициски билтен, а направен е записник на лице место од полицијата и со тоа што од Ургентен центар настанот го пријавија по службена должност во мое присуство, изјави таа за „Слободен печат“. 

Детето според мајката се чувствува исплашено и доживува траума.

-Исплашен е и од интервенцијата што му следува денеска. Сепак е дете и мислам дека уште не е свесен дека ќе легне на операциона маса. Исплашен е за тоа што ќе се случува понатаму. Ме прашува дали мора да оди на училиште. Ќе одиме на психијатар за да го надмине тој страв. Допрва е прва година, а до четврта што ќе правиме? Ќе го праќам здрав и прав на училиште и ќе ми се јавуваат да дојдам на Ургентен? Не е во ред, вели Андриќ-Стојановска пред нашата камера.

За меѓуврсничкото насилство е децидна од тоа што го гледала во кариерата како просветен работник, дека се работи за многу честа појава. Во училиштата се држат работилници, се зборува за насилството, меѓутоа се заташкува.

-Откако ќе се разговара и со насилникот и со жртвата и со стручната служба, родителите ќе ја потегнат работата како мене, но потоа „ајде да не ја правиме голема“ работата и така останува. Но овојпат нема да ја оставам така работата бидејќи досега, за само едно полугодие беше жртва на меѓуврсничко насилство не на физичко, но на психичко. Но останува на писмена опомена или укор и завршуваме тука, вели таа.

Таа очекува праведно да се заврши случајот но посочува и на важната последица од ваквите се позачестени настани меѓу младите – децата имаат трауми.

-Нема да го оставам ова вака, затоа што моето дете ја има физичката повреда и тоа ќе го поминеме некако. Меѓутоа стресот и психичката голгота, прашањата „дали ќе одам во училиште“ и „отпиши ме од училиште“, не. Нема да го отпишам. Сакал да се запише во тоа училиште и таму треба да учи. Зошто да го отпишам? Треба да се санкционира тој што го направил ова иако е надвор од училиштето, вели Андриќ Стојановска.

Настанот се случил во петокот на 7 февруари, кога учениците губеле час и биле пуштени да си одат дома. Одејќи накај автобуска станица имало мала препирка меѓу детето и соученикот. Одненадеж почувствувал силен удар и паднал на земја.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот