ВИДЕО | Секуловски: Од медиумските закони корист ќе имаат богатите медиуми, другите ќе добијат финансиски трошки

Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ/Фото: Слободен печат

Пред пратениците се предлог измените на двата клучни закони за медиумската сфера, Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. За нив беше организирана и јавна расправа на која присуствуваа и претставници од ЗНМ, но сепак Здружението нагласува дека целата процедура на кроење на измените не била транспарентна и инклузивна, па задкулисно ресорното министерство за информатичко општество и администрација на мала врата протуркало измени со кои се овозможува државно финансирање на приватните телевизии.

Извршниот директор на ЗНМ во гостувањето во емисијата „Слободен печат“ Драган Секуловски рече дека во март годинава на ЕНЕР платформата излегла една верзија за која имало и јавна расправа, но на 1 ноември на порталот на Собранието е објавена друга верзија.

– На 1 ноември оваа година беше објавен нов текст на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кои се прави обид да се вратат оние таканаречени владини кампањи кои подразбираат плаќање или закупување на простор во приватните медиуми за ширење на одредени пораки коишто ќе ги договараат смите политичари. Таа верзија на законот првпат ја дознавме кога беше објавена на веб страната на Собрание на 1 ноември. Овој текст претходно не беше испратен од страна на надлежниот орган МИОА до ниту една засегната страна и сметам дека на овој начин не може да се дојде до констатација дека има некоја транспарентност во медиумскиот процес, а кога се носат медиумските закони има два аспекти што се многу важни, да има апсолутна транспарентност и инклузивност на сите засегнати страни и истите да се во согласност со стандардите на ЕУ. Овој предлог не ги испочитува двата аспекти, ниту е транспарентен процесот ниту ги исполнува стандардите на ЕУ. Тоа го тврдам најодговорно, вели Секуловски.

За државното финансирање кое се вметнува во Законот за медиумски услуги веќе предупреди и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а реагираше и на тоа што Законот се предлага по скратена постапка, со европско знаменце кое често Владата го користи да протурка и закони кои не се нужни за евроинтеграциските процеси и прилагодување кон европското законодавство. Корист од ова ќе немаат граѓаните туку мала група на медиуми и целта е на овој предлог богатите медиуми да се збогатат повеќе, оние што се скромните и сиромашните да останат со некои финансиски трошки, вели Секуловски.

Предлогот на МИОА опфаќа промена во членот 101 со додавање на член 101а и 101б во кои се дефинира дека со 0,1 процент од буџетот ќе се имплементираат државни кампањи од интерес на граѓаните, а за тоа која кампања е прифатлива ќе одлучува собраниска комисија составена од тројца пратеници од партиите од власт и тројца пратеници од опозицијата.

-Се обидоа да не убедат дека овој модел е добар, но тој не е уставен. Многу лесно и многу јавно државниот интерес може да стане партиски интерес. Не верувам дека повеќето политичари кај нас имаат капацитет да проценат што е јавен интерес, а што е партиски и тие работи ги мешаат, а се спротивни меѓу себе. Од повеќе агли е проблематичен овој концепт, но факт е дека и на самите медиуми им е потребна некава помош со цел да имаат поквалитетна програма и да се задоволат одредени апетити на самата публика, вели Секуловски.

Во таа насока ЗНМ и другите организации предлагаат плурализам на медиуми, а државата треба да најде механизам и волја да креира фонд за плурализам на медиуми, каде секој медиум же може да се јави со своја идеја и на транспарентен начин да добие поддршка, но и да врати со одредена содржина која можеби нема комерцијална вредност, но има поголемо општествено значење за да се излезе од шаблонските информации и ќе го збогати јавниот наратив.

Целиот разговор со Драган Секуловски погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот