ВИДЕО | „Седум години пеев до шест наутро секој ден“: Миле Кузмановски за тешкиот животен пат
Миле Кузмановски проговори за тешкиот животен пат од почетоците на кариерата до денес и откри приказна која досега ја нема кажано во јавноста.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Фолк-пејачот рече дека настапувал седум години без престан до рано наутро во времето кога бил со неговата прва сопруга Верче, која почина од канцер во 2012 година.
„Некако ги балансиравме сите моменти. Чудно но вистинито, еве сега да ти одговорам, не знам ни како. Но, се издржувало. Порано, на пример, рестораните работеа 24 часа. Не се затвораа. Јас имам работено седум години, секој ден, од 10 навечер до 6 наутро. И еве сега од оваа дистанца се прашувам како сум издржал. Тогаш ќерките не беа родени. Но, цело време беше така, се тезгареше секој ден. Кафаните работеа од понеделник до понеделник, цело време. Па потоа дојде законот дека до 12 часот, и малку тука одморивме. Не мораше до 6 да пеам, после ни беше ‘песна’, тоа беше ништо. Свирење од 10 до 1. Што е тоа? Сега во ова време не е така, но јас го кажувам моето време, моите почетоци и мојата кариера. Сега е малку поинаку“, рече пејачот во емисијата „Никој да не знае“ на ТВ Телма.
Кузмановски додаде дека успесите од својата работа ги видел дури десет години откако почнал да пее. Тој учел ветерина и нема никакво музичко образование.
„Десет години работа, работа и само работа. Немам музичка наобразба. Талент, но многу работа. Не се штедев. Она што го учиш, го учиш попатно, немаш време, немаш многу време за губење. Попатно, како одат настапите во живо, по рестораните, по свадбите, прво репертоарски мораш да се потковаш и после е малку полесно. Потоа доаѓаат оние финеси во студио коишто ќе ти ги кажат продуцентите“, откри Миле Кузмановски.
Шест години по смртта на сопругата, фолк-пејачот кој го нарекуваат златното грло на македонската песна се ожени со Јасмина, со која ја имаат ќерката Ева. Неговите ќерки Ана и Јана се возрасни, а пејачот вели дека помалата сестра им е милениче.
„Сакав децата да бидат добро, сакав само да се среќни, а мојата мисија беше да трчам, да работам, да се борам за нив и тоа е тоа. И фала му на Господ ете, се најде сродна душа со која можам да поделам, да споделам, па ете се роди Ева. Тоа е едно богатство, три ќерки“, рече пејачот, а потоа откри дека неговата сопруга Јасмина е многу блиска со двете повозрасни ќерки и ги советува околу важните одлуки.
„Тие си се поддршка, се советуваат, разговараат. Тоа е многу важно. Некогаш кога е нешто битно, прашуваат и бараат совет, но полесно се разбираат со нивните женски проблеми. Јас сум од тој аспект малку заштитен“, изјави Миле Кузмановски.


