Јавна седница за убиството на Вања и Панче/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

ВИДЕО | Се одложи јавната седница за убиствата на Вања и Панче – адвокатот на Видевски се жали дека не бил соодветно лекуван во притвор

Јавната седница во Апелациониот суд која ја бараа првостепено осудените за грозоморните убиства на малолетната Вања и велешанецот Панче Жежовски се одложи бидејќи еден од осудените, Боре Видевски вчера беше хоспитализиран на Клиниката за нефрологија поради проблеми со бубрезите.

Неговиот адвокатот Бојан Манев не обезбедил согласност дека јавната седница може да се одржи без него, па никој од осудените не беше спроведен од затвор.

-Лицето живее со еден бубрег кој му е дониран, континуирано не е лекувано во затворското одделение и затоа не може соодветно да се лекува, бидејќи има континуирана потреба од дијализа. Тој од август првпат е однесен на лекарски преглед на 17 март оваа година, каде што, според параметрите, неговиот креатинин — за кој нормалните вредности се од 50 до 100 — изнесувал 600, а пред два дена бил 850. Во такви услови, буквално се влошила неговата здравствена состојба во притворското одделение и бил однесен на Клиниката за нефрологија при Клиничкиот центар во Скопје, каде што моментално е на болничко лекување – изјави Манев.

Адвокатот најави дека за следниот термин, ако Видевски повторно не може да присуствува на седницата, тој ќе обезбеди согласност од Видевски, седницата да се одржи без него. Тој се пожали дека во притвор Видевски нема соодветен третман.

– Јас ќе се обидам да обезбедам согласност, меѓутоа проблемот овде е системски, бидејќи доколку лицето има соодветен болнички третман и соодветно лекување, нема да има проблем да присуствува на рочиштата. Моментално обвинетиот е во притвор, но притвор може да биде и во Шутка, и во болнички услови, и како куќен притвор. Во сите случаи, за него најважно е да добие соодветен болнички третман. Доколку го има тоа, тој ќе присуствува. Што се однесува до согласноста, таа не е проблем – ќе ја обезбедиме – рече адвокатот.

Кривичниот суд на 25 јуни минатата година првостепено ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство на двете жртви, додека таткото на девојчето, кој беше обвинет за помагање, Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази.

Жалби на пресудата поднесоа адвокатите на сите обвинети, но и Обвинителството кое се жали за ослободителната пресуда што ја доби таткото.
Според обвинението, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.

Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило за да го користат за грабнување на девојчето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот