Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Руските војници јаваат коњи на боиштето во Украина – нова тактика или немаат друг избор?

Снимките што ги објавија украинските сили покажуваат коњаница како се обидува да напредува кон линијата на фронтот, пред да биде пресретната од беспилотни летала. „Форбс“ и други меѓународни медиуми предупредуваат дека ваквите тактики укажуваат на сериозен пад на маневарските капацитети на руската армија.

На бојното поле на кое доминираат дроновите, а по извештаите за удари на руските сили врз украинските позиции со мотоцикли и електрични тротинети, се појави ново видео на кое се гледа дека Русите имаат нова тактика – напаѓаат на коњи, објави „Forbes“.

Украинските оператори на дронови успеале да снимат тројца коњаници, а снимката ја објавиле припадници на 5. баталјон од 92. јуришна бригада на Украинските вооружени сили на социјалните мрежи.

На снимката се гледа како руски војник на коњ јава преку поле додека го следи украински дрон. Неколку моменти подоцна, дронот го погодува. Експлозијата, како што се гледа на другата снимка, го исплашила вториот коњ, кој од страв го исфрлил војникот, додека судбината на третиот коњаник засега е нејасна, пишува „Форбс“.

Руските окупатори толку брзо ја губат опремата во нивната тактика „мелница за месо“ што се приморани да напаѓаат на коњи. Но ни тоа не им помага – операторите на дронови од 5. јуришен баталјон на 92. одделна јуришна бригада го „неутрализираат“ непријателот штом ќе го забележат – се наведува во соопштението на украинската бригада, пренесува „Киев Пост“.

Првпат видено во Украина

Анатолиј Ткаченко, командант на украинска артилериска батерија од 92. бригада, вели дека првпат виделе нешто вакво. Според неговите претпоставки, наместо возила биле избрани коњи веројатно затоа што се движат потивко и подобро се снаоѓаат во калта.

– Ги уништивме кога напаѓаа на мотоцикли, а сега, поради калта, постојано паѓаат и моторите им се расипуваат. Има многу фактори кои влијаат на тоа – објаснил Ткаченко.

Димко Злуктенко, оператор на дронови од 413. одделен баталјон за беспилотни системи, рекол дека украинските сили сè почесто пресретнуваат руски единици многу пред да стигнат до фронтот.

Користењето коњи не е само импровизација. Во октомври 2025 година, рускиот дневен весник „Комерсант“ извести дека руската армија истражува повторна употреба на коњица во јуришни единици на украинскиот фронт.

Весникот опиша обуки во Централниот воен округ на Русија, вклучително и експерименти во кои двајца војници јаваат еден коњ пред да слезат и да нападнат.

„Комерсант“, сепак, нагласил дека секое враќање на коњицата би било ограничено и главно симболично. Коњите нудат маргинални предности на терен каде возилата лесно се детектираат.

Русите остануваат без оклопни возила?

Од друга страна, до април тековната година исцрпеноста на рускиот возен парк станала сè поочигледна, пишува „Форбс“.

Намаленото присуство на оклопни возила на бојното поле, во комбинација со сè поголемата зависност од цивилен транспорт – вклучувајќи мотоцикли, голф колички и комбиња – укажувало на постепен пад на маневарските способности на руската армија, според Татаригамии, основач на аналитичката група „Frontelligence Insight“.

Украина, исто така, се соочува со недостиг од камиони, пик-ап возила и оклопен транспорт поради заканата од дронови.

Според пишувањето на „Би-Би-Си“, шефот на системот за беспилотни летала во 7. корпус на украинската армија изјавил дека околу 90 отсто од снабдувањето на првата линија на фронтот во Покровск сега се врши преку беспилотни копнени возила.

Офанзивните операции, исто така, станале потешки поради размерите на дронското војување во Украина. Големите маневарски операции, кои некогаш биле суштински за механизираното војување, сега е тешко да се прикријат и уште потешко да се одржат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот