ВИДЕО | Роналдо и Пирс Морган зборуваат за Сити, Руни, Невил, критики за младите фудбалери…

Фото: Screenshot

Вечерва се емитуваше првиот дел од интервјуто на Кристијано Роналдо со Пирс Морган од кое во претходните денови беа објавувани неколку исечоци. Најмногу внимание привлече делот во кој го критикува Ерик Тен Хаг, меѓутоа повеќе на таа тема е оставено за вториот дел кој ќе биде објавен утре. Сепак, секако дека и вечерва имаше многу работи кои привлекуваат внимание.

Според Роналдо Манчестер Јунајтед нема никаков напредок од моментот кога тој си замина од клубот во Реал Мадрид. Роналдо смета дека условите во клубот не можат ниту да се споредуваат со Реал Мадрид и Јувентус каде што настапуваше откако си замина.

„Манчестер јунајтед нема напредувано од последниот пат кога бев тука. Во моментов е многу поназад од големите клубови како што се Ливерпул и Манчестер Сити. Воопшто не се работи на условите во клубот и неспоредливо е со тоа какви се во Реал Мадрид и Јувентус“, изјави Роналдо.

Португалецот призна дека бил блиску до трансфер во Манчестер Сити, но не се кае што го избрал Манчестер Јунајтед.

„Искрено, бев блиску до Сити. Пред две недели Гвардиола рече дека вложиле сериозни напори да ме доведат. Но, ја знаете мојата историја со Манчестер Јунајтед. Моето срце му припаѓа на овој тим и ми кажа каков избор да направам. Ова беше пресудно за мојот избор. Но, би излажал ако кажам дека не бев блиску до договор со Манчестер Сити. На крајот донесов одлука и не се каам за тоа“.

Вејн Руни и Гери Невил во претходниот период често знаеа да го критикуваат, а според Роналдо тоа го прават за да добијат на популарност.

„Гери Невил и Вејн Руни со тоа што ме критикуваат добиваат на популарност. Не знам можеби ми се љубоморни. Не сум другар со нив, со нив бев колега и тие се само дел од моето патување. За разлика од нив Рио Фердинанд и Рој Кин се секогаш на моја страна. Кин е најдобриот капитен кој некогаш сум го имал“.

Роналдо смета дека младите фудбалери денес не слушаат што им зборуваат постарите и поискусните.

„Не би рекол дека не ги почитуваат поискусните играчи, но се работи за поинаква генерација. Во сите светски лиги, младите фудбалери не се на нивото од мое време, но не можеме целосно да ги обвиниме. Живееме во таква ера, новите технологии им одвлекуваат многу внимание и тоа се чувствува. Слушаат, но им влегува од едно, а им излегува од друго уво. Штета е што имаат примери кои треба да ги копираат и за мене е чудно што не се обидуваат да копираат, бидејќи јас станав тоа што сум затоа што учев од играчи како Ван Нистелрој, Кин, Гигс, Фердинанд…“

„Не сакам да давам многу совети, туку да бидам пример и затоа и така се однесувам, веројатно прв доаѓам и заминувам последен од тренинг центарот. Некои ме следат, некои не, но според мене нема да имаат долги кариери. Многумина од мојата генерација играат до 36, 37 години, но овие момчиња нема“– зборува Роналдо кој го истакна сонародникот Диего Далот како позитивен пример меѓу помладите фудбалери

Во вториот дел Роналдо ќе зборува за Тен Хаг, сопствениците на Манчестер Јунајтед, но ќе има и емотивен момент во кој ќе зборува за трагедијата од минатата сезона во која почина едно од новорденчињата.

ПРВИОТ ДЕЛ ОД ИНТЕРВЈУТО НА РОНАЛДО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот