ВИДЕО: Рама објави снимка за која тврди дека е од подметнување пожар, најави дека потпалувањето ќе се израмнува со убиство
Албанскиот премиер Еди Рама објави видео на „Фејсбук“ на кое тврди дека се гледа подметнување пожар во Албанија. Тој намерното палење на отворен простор го нарече „предавство“. Видеото од наводното подметнување, според албанскиот премиер, е снимено од турски дрон „Бајрактар“ на албанското воздухопловство.
Препорачано
„Намерното палење не е само злосторство, туку и предавство на нашата земја и иднината на нашите деца. Еве видео од намерно палење снимено денес од беспилотни летала на воздухопловните сили. Државната полиција е на терен за да ги изведе пред лицето на правдата сите што си играат со пламен на заеднички имот“, пишува Рама во објавата.
„Во меѓувреме, во овие тешки времиња на глобално затоплување и пожари што ги погодуваат сите медитерански земји, ќе мора да го изедначиме палењето со убиство во Кривичниот законик“, додава тој.
Од почетокот на јули, речиси 34.000 хектари изгореа низ Албанија, според Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS).
Полицијата вели дека многу од пожарите се подметнати со намерно палење, а повеќе од 20 луѓе се уапсени во последните недели.


