ВИДЕО | Протест на Водно: Сите институции се прогласија ненадлежни за нашиот проблем, ако нема одговор, ќе продолжиме со блокади
Жителите истакнаа дека барањата се многу јасни и основни за безбедноста на најмалите жители – да се постават соодветни знаци за бавно возење, да се исцртаат нови и да се обноват постоечките пешачки премини, како и да се поставаат метални столпчиња долж тротоарите.
Во населбата Водно вчера во „ударните“ попладневни часови беше затворена и блокирана за сообраќај улицата „Питу Гули“. Протестираа жителите, кои побараа од Општина Центар и останатите институции што се прогласиле за ненадлежни, да преземат одговорност и да одговорат на нивните барања за преземање конкретни мерки со кои ќе се зголеми безбедноста на пешаците што секојдневно минуваат на оваа локација, а најголем дел од нив се ученици.
Препорачано
Од Град Скопје се изјаснија дека не се надлежни, а од ПОЦ рекоа дека нивната пајак-служба не може да отстранува непрописно паркирани возила доколку паркингот не е зонски или резидентен, како што е овде. Од Општина Центар, пак, ни рекоа дека ПОЦ се надлежни бидејќи тие си имаат своја пајак служба. И сега ние си играме со институциите, нè препраќаат од една во друга, трета, а проблемот останува. Децата мора да заобиколуваат и да излегуваат на улица, додека колите возат со брзина од 60-70 километри на час- изјави еден од жителите за „Слободен печат“.
Тој истакна дека барањата се многу јасни и, како што вели, основни за безбедност и сигурност на најмалите жители – да се постават соодветни знаци за бавно возење, да се исцртаат нови и да се обноват постоечките пешачки премини, како и да се поставаат метални столпчиња кои ќе оневозможат непрописно паркирање и блокирање на тротоарите.
-Навистина сакаме да се делува превентивно, да не чекаме да се случи некаква катастрофа за потоа да се стават основни безбедносни мерки за децата и за пешаците – додаде жителот на Водно.
Доколку нема соодветна реакција од Општината во однос на исполнување на нивните барања, жителите изјавија дека ќе продолжат со блокади на улицата „Питу Гули“.


