Водњанци во блокада на улицата „Питу Гули“: Тротоарите узурпирани, пешачките премини неозначени, а нашите деца небезбедни
Жителите биле во контакт со засегнатите сектори во Општина Центар, Градот Скопје и Министерството за внатрешни работи, кои, како што велат, се запознаени со овие проблеми кои се пријавувани неброено многу пати во текот на годините, но залудно, бидејќи нема никаква промена ниту конкретен план за решавање на нивниот проблем.
Жителите на населбата Водно денеска ја блокираа улицата „Питу Гули“ во знак на протест поради, како што велат, револтот кон Општина Центар во однос на преземање конкретни мерки со кои ќе се зголеми безбедноста на пешаците кои на оваа локација минуваат секојдневно, а поголем дел од нив се ученици.
Препорачано
„Водно се третира како елитна населба и огромни цени по метар квадратен, а нема основни услови за безбедно движење. Децата од оваа населба не можат да се движат кон училиште и назад без да го ризикуваат животот. Тротоари на многу места нема, а онаму каде ги има,се узурпирани од возила, објекти, зеленило, контејнери. Пешачките премини се на кривини, невидливи и необележани. На оваа улица веќе има премногу сообраќајни несреќи со повредени пешаци, а ситуацијата е особено алармантна откако е воведен Безбеден град, па колите возат низ Водно за да ги избегнат камерите, но пребрзо и небрежно загрозувајќи ја безбедноста на сите луѓе“, рече еден од жителите.
Тие додадоа дека градоначалникот на Центар Горан Герасимовски уште во предизборието минатата година им ветил дека на оваа локација ќе се постави урбана опрема, сигнализација и соодветни знаци, но до денес нема никаква промена.
„Дури постои и видео документација на изборни ветувања по ова прашање. Ниту еден конкретен чекор не е преземен, а службите се прогласуваат за ненадлежни. Одговорноста се избегнува, а децата продолжуваат да одат по коловозот“, додаваат граѓаните.

Жителите биле во контакт со засегнатите сектори во Општина Центар, Градот Скопје и Министерството за внатрешни работи, кои, како што велат, се запознаени со овие проблеми кои се пријавувани неброено многу пати во текот на годините, но залудно, бидејќи нема никаква промена ниту конкретен план за решавање на нивниот проблем.
Доколку во блиска иднина нема реакција од Општината во однос на овој проблем, жителите најавија повторни блокади во населбата со цел, како што велат тие за „Слободен печат“, конечно да се исполнат ветувањата од изборната кампања и на улицата „Питу Гули“ да бидат поставени соодветни знаци за бавно возење, да се исцртаат нови и да се обноват постоечките пешачки премини, како и да се поставаат столпчиња долж тротоарите за безбедно пешачење на жителите, особено на децата.


