ВИДЕО | Премиер лигата започна со спектакл: Ливерпул го победи Бормут во натпревар со шест гола
Новата сезона во Премиер лигата започна со драматичен натпревар на „Енфилд“, каде Ливерпул и Борнмут одиграа вистински спектакл, а на крајот домашниот тим се радуваше на победа од 4-2.
Препорачано
Избраниците на Арне Слот подобро го отворија мечот, контролираа поголем дел од играта и имаа неколку добри шанси пред голот на српскиот голман Ѓорѓе Петровиќ. Наградата за офанзивниот пристап дојде во 37. минута, кога Хуго Екитике, со малку среќа, успеа да се избори за позиција пред Петровиќ и прецизно ја смести топката во мрежата за 1-0 за Ливерпул, што беше и резултатот на полувремето.
Само што започна второто полувреме, Ливерпул постигна втор гол преку Коди Гакпо, по асистенцијата токму од стрелецот Екитике. Во тие моменти, се чинеше дека шампионот сигурно ќе запише три бода, но Борнмут не мислеше да се предаде.
Во последната третина од натпреварот блесна Антонио Семенјо. Прво во 64. минута намали на 2-1, а потоа, во 76. минута, по освоена топка длабоко во својата половина, покажа брзина и прецизност, го претрча речиси целиот терен и го совлада Алисон за израмнување, 2-2.
Кога изгледаше дека Борнмут ќе си замине со голем бод од „Енфилд“, тренерот Слот направи важен потег и во 82. минута во игра влезе Федерико Киеза, кој брзо ја оправда довербата. Само шест минути подоцна, италијанскиот интернационалец ја затресе мрежата за 3-2, конечните 4-2 во финишот ги постави Салах.


