Елена Ристеска, Игор Џамбазов, Теа Трајковска / Фото: Скриншот/Јутјуб

ВИДЕО | Познатите во спомен на „ДНК“: Една година од ноќта кога Македонија изгуби дел од своето „Срце“

Помина една година од ноќта што засекогаш го промени животот во Кочани и ја зави цела Македонија во тага. Ноќ што започна како обична сабота, со музика, дружење и насмевки, а заврши како една од најболните трагедии во нашата понова историја.

Во тие неколку часа, кога пламенот ја прекина музиката во дискотеката „Пулс“, згаснаа 63 животи. Замолкнаа гласови што носеа радост, згаснаа млади соништа и се отвори празнина што ниту времето не може лесно да ја пополни. Цела Македонија се разбуди во тишина, во неверување и во болка што сè уште се чувствува во секој дом.

Меѓу жртвите беа и луѓе кои со години беа дел од македонската музичка сцена, уметници кои со својата работа и талент оставија длабока трага во културата и во срцата на публиката. Во трагедијата животот го загубија и членови од тимот на бендот „ДНК“ – пејачот Андреј Ѓорѓиески, музичарот Владимир Блажев – Панчо, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарот Филип Стевановски, како и нивните блиски соработници Сара Пројковска, Александар Коларов и Александар Ефремов, луѓе кои со својата енергија, талент и посветеност создаваа музика и спомени што ќе останат засекогаш.

Повеќе од две децении, преку своите песни, тие успеваа да ги обединат генерациите. Нивната музика не беше само за слушање, таа беше дел од животот на многумина. Песни кои се пееја на концерти, на патувања, на прослави и во најличните моменти на луѓето.

Но зад сцената, далеку од рефлекторите и аплаузите, тие беа пред сè луѓе. Колегите и пријателите често зборуваат за нивната скромност, за нивната хуманост и за начинот на кој секогаш знаеле да подадат рака, да помогнат и да бидат тука за другите. Токму таму, зад сцената, се гледала нивната вистинска големина.

Иако помина една година, болката не исчезнува. Нивните песни и нивната енергија продолжуваат да живеат. Секој пат кога ќе се слушне нивна мелодија, се будат спомени, емоции и чувство дека тие сè уште се тука, во секој стих, во секој рефрен и во секое срце што ги памети.

Во продолжение од видеото,дел од нивните колеги и пријатели кои собраа храброст да говорат за нив не потсетуваат какви луѓе беа тие зад сцената.

Нека им е вечна слава и вечен спомен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот