ВИДЕО | Поцрне Маркова река, загадена вода од Дрисла тече низ коритото
Наместо вода во Маркова река тече исцедок од езерото од депонијата Дрисла. Жиители на селото Батинци за „Слободен печат“ вели дека страшна смрдеа се шири околу реката и дека е неподносливо е да се приближиш до водата.
– Не е прв пат да поцрне реката. Секогаш кога врне е исто. Во депонијата Дрисла има езеро кое кога врне се преполнува и истото се излева во Маркова река- велат жителите. Тие веќе пријавиле во Инспекторатот за животна средина и чекаат инспекторите да излезат на терен.
Ова е втора еколошка катастрофа која се случува во Маркова река за една година.
Лани ЈП „Дрисла“ беше санкционирана поради испуштање на вода од депонијата во Маркова река. Државниот инспекторат за животна средина, по вонредниот надзор во депонијата на 4 септември 2023 година утврди дека одредени концентрации се во рамки на дозволеното, но други се над максимало дозволената граница.
ДИЖС поднесе барање за поведување на прекршочна постапка против правното лице ЈПДКО Дрисла Скопје и против управителот, пред Основниот кривичен суд во Скопје поради одбивање на потпишување на Записникот за спогодба од страна на директорот на Јавно претпријатие за депонирање на комунален отпад Дрисла Скопје, по извршениот вонреден надзор. Тогаш казнате беa 120 илјади евра и 6 илјади евра за управителот, за загадување на Маркова река.
Според ДИЖС, истиот ден од страна на акредитирана лабораторија за животна средина ЕУРОМАК КОНТРОЛ Скопје земени се мостри од три места за анализа на водите од Маркова река, како и една дополнителна мостра доставена од граѓани од Батинци.
Наодите од визуелниот надзор и резултатите од акредитираната лабораторија која анализираше земени мостри, утврдија концентрации на загадувачки супстанци над дозволените гранични вредности и истите потекнува од исцедокот од депонијата.
„Слободен печат“ од самиот почеток ги следеше случувањата со Дрисла и Маркова река. Жителите од селото тврдеа дека постојано се испушта вода од депонијата во реката и дека постојано има загадување.