ВИДЕО | По една недела во дивината, пронајдено е кучето на планинарка која падна од 55-метарски водопад во Нов Зеланд
Кога планинарка паднала од 55-метарски водопад во дивата природа на Нов Зеланд, спасувачите биле принудени да ја евакуираат тешко повредената жена без нејзиното куче, кое не можеле да го пронајдат. Откако непознати луѓе собрале илјадници долари за потрага, женката бордер коли по име Моли била спасена и пренесена на безбедно со хеликоптер, од пилотот кој бил решен повторно да ги спои миленичето и сопственичката, пренесува „Индепендент“.
Препорачано
Една недела претходно, хеликоптер за итна помош ја пронашол жената со модринки и исекотини по пад на карпест дел од водопадот на западниот брег на Јужниот остров. Таа била евакуирана со хеликоптер на 24 март, но спасувачите морале да заминат без нејзиното куче.
Моли била исцрпена и гладна кога била пронајдена во вторникот, на само неколку метри од местото каде што планинарката едвај го преживеала падот.
„Стапив во контакт со неа во болницата и ѝ реков дека ќе одам да го барам кучето. Неколку пати се враќав да го барам, но без успех“, изјавил Мет Њутн, сопственик и оператор на компанијата „Присижн Хеликоптерс Њу Зеланд“, со седиште во близина на кањонот Хокитика и реката Арахура, каде што Моли исчезнала.
Не сакајќи да се откаже, Њутн со своето семејство започнал акција за собирање средства за дополнителни часови летање и понапредна опрема за потрага. Донации и понуди за помош пристигнувале од сите страни, а непознати луѓе донирале повеќе од 11.000 новозеландски долари (околу 6.300 американски долари).
Тоа било доволно за уште три часа лет со хеликоптер и користење термална камера. Во вторникот, Њутн полетал со ветеринарна техничарка, доброволни трагачи и куче по име Бинго во нова потрага по Моли.
„Го погодивме џекпотот за околу еден час. Движејќи се нагоре по реката, ја забележавме на термалната камера, а потоа и со голо око“, рекол тој.
Во претходните пребарувања на местото немало трага од Моли. Не е јасно дали кучето исто така паднало од водопадот или подоцна успеало да стигне до местото каде што завршила повредената сопственичка.
View this post on Instagram
Хеликоптерот се спуштил доволно ниско за еден волонтер да скокне со спасувачкото куче Бинго, со цел да ѝ помогнат на Моли да дојде на безбедно и да остане мирна. Њутн смета дека кучето преживеало хранејќи се со диви животни во текот на неделата помината во суровата природа.
„Мислам дека знаеше што правиме. Се однесуваше навистина добро. Не бегаше и беше среќна што е спасена. Беше во изненадувачки добра состојба“, се присетил Њутн.
Тој испратил порака до базата на хеликоптери, каде што други волонтери чекале да се вклучат во потрагата. Потоа организирале голема скара и сите ја прегрнале Моли. Неколку часа по спасувањето, нејзината сопственичка, иако сè уште повредена од падот, пристигнала на емотивна средба.
„Мислам дека тоа ќе ѝ помогне во закрепнувањето. Кога ќе ти се врати кучето, тоа навистина значи многу“, рекол Њутн.


