ВИДЕО | Oклахома уште еднаш подобра од Феникс, но победата ја засени повредата на еден од најдобрите
Актуелниот НБА шампион, Оклахома продолжува сигурно да чекори низ плејофот на Западната конференција, откако и во вториот дуел против Феникс стигна до победа (120-107). Иако овојпат триумфот не беше толку убедлив како во првиот натпревар, сепак останува впечатокот дека „громовите“ во моментов се чекор пред ривалот.
Препорачано
Но, славјето беше делумно засенето од повредата на Џејлен Вилијамс, кој се соочи со проблем со задната ложа, што внесе доза на неизвесност кај навивачите.
Лидер на теренот повторно беше извонредниот Шеј Гилџис-Александер со 37 поени, надополнети со девет асистенции и пет скока. Значаен придонес дадоа и Чет Холмгрен и Вилијамс со по 19 поени, при што Холмгрен запиша и осум скока. Меѓу поефикасните беше и Дејвион Мичел со 14 поени, пет скока и пет асистенции.
Кај тимот од Аризона, најефикасен беше Дилон Брукс со 30 поени и шест скока, додека Девин Букер додаде 22 поени, седум скока и четири асистенции. Добар настап имаше и Џејлен Грин со 21 поен, а двоцифрен беше и Ројс О’Нил со 16 поени, девет скока и четири асистенции.
Серијата сега се сели во Феникс, каде што следните два натпревари ќе се одиграат пред домашната публика, а првиот е закажан за сабота од 21:30 часот.
Во вториот натпревар одигран ноќеска, Детроит славеше против Орландо со 98-83, со што израмни на 1-1 во серијата на Истокот. Наредните два дуели ќе се играат во Орландо, а првиот е на програмата в сабота од 19:00 часот.


