ВИДЕО | Обвинителството се огласи по инцидентот помеѓу Драган Бјелогрлиќ и тиктокерот Лепи
Во кафуле во центарот на Белград, вчера се случил инцидент во кој српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ со удар по раката му го оттурнал мобилниот телефон на тиктокерот Александар Шулц, познат под прекарот Лепи. Како што објавија повеќе регионални медиуми, Шулц претходно го прозивал Бјелогрлиќ и го снимал без негова согласност, пишува српски „Блиц“.
Препорачано
Шулц влегол во кафуле со вклучена камера, снимал континуирано и му се приближил на Бјелогрлиќ, поставувајќи му прашања и давајќи провокативни коментари. Актерот првично одговорaл мирно, наводно мислејќи дека е обожавател. Меѓутоа, кога сфатил дека станува збор за намерна провокација, одеднаш станал и го соборил телефонот на тиктокерот со удар во раката.
По вчерашниот инцидент, Првото основно јавно обвинителство во Белград денеска покрена истрага за случајот со нападот на Бјелогрлиќ врз тиктокерот Шулц.
– По повод настанот на 24 февруари околу 13:50 часот во салата МТС, во угостителскиот објект „Пашиќ“ во кој учествувале Александар Шулц и Драган Бјелогрлиќ, дежурниот јавен обвинител на Првото основно јавно обвинителство во Белград, веднаш откако бил информиран, им наложил на полициските службеници од ПС Стари град да земат изјави од учесниците на настанот, сведоците, да набават снимки од надзорните видеокамери, по што ќе биде донесена одлука дали дејствијата на учесниците стекнуваат елементи на кривично дело за кое се презема гонење по службена должност или прекршок – е наведено од тоа обвинителство.
Да потсетиме, Вишиот суд во Белград на 21 ноември минатата година правосилно го осуди Драган Бјелогрлиќ на условна казна затвор од шест месеци, со рок на проверка од две години, за насилно однесување кон Предраг Гага Антонијевиќ на 23 август 2021 година во хотелот „Амбасадор“ во Ниш.
Драган Бјелогрлиќ на 23 август 2021 година, во раните утрински часови, повеќепати го удрил по главата режисерот Предраг Антонијевиќ. На сослушувањето во обвинителството, тој признал дека го сторил кривичното дело и изразил жалење.


