ВИДЕО: Некој Шабан пука со пиштол на улица во Германија, објавил видеа на „Фејсбук“
Извесен Шабан Даутовски, нашинец кој, според информациите достапни на интернет, живее и работи во Германија, на „Фејсбук“ во новогодишната ноќ објавил неколку снимки, и натаму јавно достапни на социјалната мрежа во времето на објавувањето на овој текст, на кои се гледа како тој од разонода пука со пиштол на улица.
Препорачано
Според околината на снимките, тие веројатно се направени во Германија. Од информациите кои самиот ги има објавено на социјалната мрежа, но и според достапните бизнис-именици во Германија, произлегува дека Даутовски е сопственик на мала компанија за услуги за чистење „DS Clean Dautovski“ во Менхенгладбах.
Во едно од видеата Шабан излегува од џип со пиштолот во рака, се обраќа кон пријателот што го снима велејќи: „Поздрав до сите, среќна Нова“ и стрела неколкупати во воздух. Втората снимка е слична – тој стои на сред улица и вели: „Поздрав до сите“, пред да испука седум истрели. Според она што се забележува, од пиштолот при пукањето излетуваат чаури, што заедно со блесокот од цевката, со голема веројатност укажува на тоа дека се работи за вистинско огнено оружје.
Видеата, вознемирувачки сами по себе, се уште понепријатни за гледање по трагичниот случај во скопската населба Гази Баба на Нова година, кога двегодишно дете загина од заскитан куршум.
Во Германија, оружјето е строго регулирано со Законот за оружје (Waffengesetz). Пукање со огнено оружје или гасен/стартен пиштол на јавно место е строго забрането, освен во специфично дозволени услови, како стрелишта, во лов или со специјална дозвола. Дури и оружје што не користи боева муниција, односно стрела ќор-фишеци, не смее да се користи во населени места.


