Фото: Слободен печат

Почина двегодишното дете кое за Нова година го погоди метален фрагмент во главата

Ноќеска два часа по полноќ почина двегодишното дете кое за време на новогодишната ноќ беше донесено на Клиниката за неврохирургија со непознат метален фрагмент кој завршил во неговата глава. Оваа информација за „Слободен печат“ ја потврдија од Министерството за внатрешни работи.

На детето животот му беше загрозен од моментот кога беше примено и се лекуваше на Клиниката за неврохирургија. Полицијата нема соопштено официјални информации за околностите под кои ова дете беше повредено и подоцна им подлегна на повредите.

На неколку портали се објавени неофицијални верзии на настаните атрибуирани на полициски извори – дека се работело за дете кое било во прегратките на мајката додека гледале огномети кога во него завршил непознатиот метален фрагмент за кој се шпекулира дека е залутан куршум.

Детето најнапред било однесено во Клиниката „Св. Наум Охридски“ но поради тежината на повредите итно било префрлено на детска хирургија.

Лекарите констатирале масивно крварење во мозокот, при што биле зафатени сите мозочни комори. Детето било во исклучително тешка, животозагрозувачка состојба и под постојан медицински надзор.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера на прес-конференција рече дека станува збор за еден од најсериозните инциденти за време на новогодишната ноќ покрај убиството што во одвоен настан се случи во Старата скопска чаршија. Тој посочи дека повредата била предизвикана од метален фрагмент за кој уште не е познато каков е, додека околностите под кои настанал трагичниот настан сè уште се предмет на истрага.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот