Игор и Александар Џамбазов / Фото: Принтскрин / Инстаграм

ВИДЕО | На денешен ден е роден маестро Александар Џамбазов: Во негова чест Игор ја запеа „Срамежливи“

На денешен ден во 1936 година роден е македонскиот диригент, композитор и великан на современата македонска музика – маестро Александар Џамбазов.

Во негова чест, син му Игор објави видео на својот инстаграм-профил на кое ја испеа песната „Срамежливи“, еден од хитовите на музичкиот фестивал „Скопје 68“.

Оваа песна што ја интерпретираа Виолета Томовска и Диме Поповски, а во друга верзија ја испеаја и Зафир Хаџиманов и Љупка Димитровска, беше наградена со прво место од публиката токму на Скопскиот фестивал во 1968 година.

– Здраво драги мои. Денес е 3 февруари. Денес татко ми Џамбаз ќе наполнеше 90 години. Ќе ми биде чест и големо задоволство да ви отсвирам песна од првиот Скопски фестивал, се вика „Срамежливи“ – кажа Игор.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Igor Djambazov (@igordzambazov)

Творечкиот опус на нашиот маестро Џамбазов беше многу богат. Тој беше автор на голем број детски песни, иницијатор и долгогодишен диригент на детскиот фестивал „Златно славејче“ во Скопје.

Во својата долгогодишна кариера, тој создаваше сценска и филмска музика, но создаде и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ за пијано и оркестар (1977) и др. Ценетиот композитор напиша и повеќе хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

Александар Џамбазов беше добитник на повеќе од 40 награди и признанија во Македонија и Југославија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и наградата на Град Скопје „13 Ноември”.

Тој беше во брак со познатата македонска актерка Анче Џамбазова, со која ги добија синот Игор Џамбазов и ќерката Тања Џамбазова.

Џамбазов нè напушти пред четири години, на 25 јануари, на 85-годишна возраст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот