ВИДЕО | Марко Милошевиќ: На грешките на татко ми Русија може да научи како да победи во Украина

Марко Милошевиќ синот на поранешниот претседател на Србија Слободан Милошевиќ е снимен во Москва на откривањето на споменикот на неговиот татко, во друштво на Александар Залдастанов, познат како Хирургот, близок соработник и пријател на Владимир Путин и водач на мото групата Ноќни волци, пишуваат српските медиуми.

Водачот на групата Ноќни Волци во видеото кое трае нешто помалку од 50 секунди го најавува Милошевиќ, кој потоа и се обраќа на толпата, повторувајќи ги зборовите на неговиот татко кои се испишани на споменикот.

„Како што пишува овде на таблата, ние, за жал, бевме на проба за тоа што се случи со Русија и што се случува сега во Украина. Југословенските војни се исти, само сега во Украина – забрзана верзија. За жал, ние битката ја изгубивме, но се надевам дека војната не. Од нашите грешки и од нашата судбина, Русите извлекоа лекција и ќе победиме! За победа“, рече Милошевиќ, стоејќи пред српското знаме.

Марко Милошевиќ не се појавува во јавноста откако избега во Русија по падот на режимот на неговиот татко. Потоа беше обвинет поради сомнение за учество во организиран криминал. На 10 октомври, два дена по падот на режимот, тој ја напушти Србија и преку Пекинг замина во Москва, каде што доби политички азил.

Информациите за него само повремено стигнуваат во Србија. Од она што медиумите пишуваат и е познато засега дека тој живее во Москва и има профитабилен бизнис но и дека повторно се оженил. По него во Србија е на сила потерницата од Интерпол. Инаку споменикот на Слободан Милошевиќ, висок два метри, го изработи српскиот скулптор Драган Раденовиќ, член на Руската академија на уметностите.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот