Адвокат Асмир Алиспахиќ и Мирослава Симоновска, студио „Слободен печат“/ Фото Драган Митревски
Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕО | Кошмарна финансиска приказна: Никогаш не зела брз кредит, а се разбудила како должник на 35 илјади евра!

Жена од Македонија чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата на „Слободен печат“ преживува хорор откако некој во нејзино име со злоупотреба на личната карта подигнал брзи кредити но и кредити од реномирани банки во севкупен износ од 35 илјади евра. Ова за „Слободен печат“ го потврдува нејзиниот адвокат Асмир Алиспахиќ кој ја застапува жртвата на оваа финансиска измама. Предметот е во предистрага и на него работат МВР и Обвинителството, откако пријавата им била доставена во април годинава.

Според Алиспахиќ, жената сосема случајно дознала дека е жртва на финансиската измама, кога се обидела да земе кредит од банка но ѝ кажале дека е неликвидна. Кога во кредитното биро побарала извештај за финансиските текови од минатото имала што да види – страници и страници земени кредити и милиони денари доспеани долгови. Од шокот завршила на психијатриско лекување и нејзиниот живот сосема се променил.

-Од шокот завршува на одделот за психијатрија во ГОБ „8 Септември“ и со соодветна медицинска документација тоа го посочивме кај надлежните органи, каде јасно се гледа дека ја има таа здравствена криза која ја трпи а во исчекување на сето она што ќе биде преземено од институциите. Таа личност јас ја познавав и пред овој настан, но после пријавата и овој шок што го доживеа за земањето кредити од повеќе финансиски друштва, не можам да ја препознаам. Константно темата е за проблематиката која ја тишти и единствената тема на разговор е како ќе заврши сето ова, изјави за „Слободен печат“ адвокатот Алиспахиќ. 

Асмир Алиспахиќ-адвокат / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Според неговите сознанија оној кој ја направил злоупотребата ги имал личните податоци на жената однапред и кооперирал со помош на повеќе лица што работат на одобрување и издавање на кредити.

-Јас сум убеден од мојата досегашна адвокатска кариера дека оној кој ги злоупотребил податоците и тој што се дрзнува да го прави сето ова, не е сам. Според мене овде се вклучени поголем број лица од определените банки и од финансиските друштва се со цел да ги црпат паричните средства во име и за корист на некој трет. Апелирам до МВР и до Јавното обвинителство да го истражат сето ова во детали бидејќи сум убеден дека апликантот кој ги подигал паричните средства и на кого му го знаеме името, не можел сам сето ова да го прави, вели Алиспахиќ. 

Адвокат Асмир Алиспахиќ и новинарката Мирослава Симоновска Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Според адвокатот, постојат бројни соработници на измамникот што ги подигнал паричните средства за да може да ги испумпаат парите, без жртвата за тоа да знае. Кој ѝ помогнал на личноста да дојде до парите, дали постојат фалсификувани документи за да се земат парите, дали потписите се фалсификувани, се само дел од прашањата чии одговори ќе ги даде истрагата. Во конкретниот случај модус-операндито бил таков што жената што е жртва на финансиската измама, дознала и дека е фиктивно вработена на друга работна позиција, во фирма во која никогаш не работела.

-Познавајќи ја клиентката одговорно ви тврдам дека повеќе од 15 години работи на едно исто работно место кое никогаш не го сменила. Но, запрепастувачки е фактот што дознавме дека фиктивно била вработена на друго место и тој документ бил користен секаде во финансиските друштва и во банките. Не сме запознаени дали тој документ бил издаден од некоја надлежна институција или тој документ бил лажиран, вели адвокатот. 

Извештаите од кредитното биро покажале дека за дел од кредитите што биле земени, било почнато и нивното враќање, но нецелосно. Алиспахиќ апелира за поголемо контролирање на финансиските друшва и за поквалитетни законски и подзаконски акти кои што ќе ги штитат граѓаните.

-Ова е тоа што граѓаните ги тишти, работењето и секојдневното контролирање кон финансиските друштва кои функционираат под предзнакот „издавање брзи кредити“, парични средства за 30 минути, кеш на рака. Тука надлежните институции би требало да придонесат уште повеќе по донесување на поквалитетни законски и подзаконски акти во делот на заштитата и начинот како треба еден апликант да стигне до брз кредит. Бидејќи навистина имавме искуства дека брзите кредити се издаваат само со матичен број, без притоа граѓаните да знаат за тоа. А  јас знам некои од нив, што ден денеска враќаат брзи кредити што не ги зеле. А тоа го прават зашто не можат да најдат начин како да се носат со сето тоа, вели тој.

Најстрашно е што дел од друштвата од каде биле земени брзите кредити, одбиле да престанат со присилната наплата на парите што некој во име на жртвата и продолжуваат да ја уценуваат жената. Банките пак, ја стопирале постапката за присилна наплата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот