ВИДЕО | Јапонија по децении враќа исчезнат вид птици — осум ибиси пуштени во дивина
Во Јапонија во дивина беа пуштени осум ибиси, децении откако овој вид бил исчезнат од земјата. Осумте кралски ибиси беа пуштени во неделата во градот Хакуи, во регионот Ното, во северно-централниот дел на Јапонија, на местото каде што последен пат биле забележани во природа, пренесува „АП“.
Препорачано
Птиците беа пуштени од дрвени кафези на свечена церемонија, а присутните граѓани со аплауз го поздравија моментот кога ибисите полетаа кон небото. Кафезите беа отворени по пресекување на лента од страна на престолонаследникот Акишино, неговата сопруга Кико и други официјални лица.
Осумте ибиси се одгледани во центар за заштита на видот на островот Садо, во соседната префектура Ниигата, како дел од успешна програма за размножување во заробеништво. Уште десет птици се подготвуваат за идно пуштање во природа.
Белите ибиси, во Јапонија познати како „токи“, потекнуваат од источна Азија и се препознатливи по портокалово-розевите нијанси под крилјата и црвените ознаки околу очите.
Овој вид исчезна од главниот јапонски остров Хоншу во текот на седумдесеттите години од минатиот век, поради прекумерен лов и деградација на животната средина. Последниот автохтон јапонски ибис угина во 2003 година на островот Садо.
Обновата на популацијата започна со поддршка од Кина. Во 1999 година, вештачкото размножување на пар ибиси донирани од Кина доведе до првото младенче на јапонскиот кралски ибис родено во заробеништво во Јапонија, соопшти Министерството за животна средина.
Последователните програми за размножување и заштита овозможија постепено зголемување на популацијата. Во 2008 година, десет птици од истиот центар беа пуштени во дивината на островот Садо, каде што нивниот број денес изнесува околу петстотини единки.
Новото пуштање ибиси во Хакуи се смета и за симбол на надеж за регионот Ното, кој сè уште се опоравува од разорниот земјотрес во 2024 одина.


