ВИДЕО | Јаков Јозиновиќ со емотивна семејна приказна: Патував по пет часа сам со воз како дете
Регионалната ѕвезда Јаков Јозиновиќ се отвори за својата мајка и за тешкиот пат до успехот, со оглед на тоа што доаѓа од мал град во Хрватска – Винковци.
Препорачано
Јаков, кој на 9 април ќе одржи концерт во Скопје, во салата „Јане Сандански“, а во Белград продаде 10 концерти во „Сава центар“, во емисијата „Еден на Еден“ рече дека доаѓа од мал град со 30.000 жители, но со голема душа.
„Јас сум половина Македонец, мајка ми е од Охрид“, откри пејачот.
Јаков со емоции се присети на своите тинејџерски денови поминати на релација помеѓу неговиот роден град и Загреб, каде што се школувал и ги правел првите музички чекори.
„Цело средно училиште, на неделна база, патував со воз за Загреб, пет часа во еден правец. Морав да се жртвувам и навистина сериозно да се трудам за да успеам“, откри пејачот.
Иако бил млад, тој вели дека никогаш не чувствувал страв да патува сам.
„Никогаш не ми било страв да одам сам. На крајот на денот, морав. Родителите работеа, сестра ми беше на факултет, а јас сакав да пеам“.
Јаков истакна дека неговите родители отсекогаш верувале во неговиот пат, иако се грижеле за суровоста на музичкиот свет.
„Тие знаеја дека јас дефинитивно ќе се занимавам со ова. Секако дека беа загрижени, бидејќи знаеја каков е овој свет, но ми веруваа, бидејќи ме научија како да се борам“.
Популарноста на Јаков донела промени и во секојдневниот живот на неговото семејство, особено за неговата мајка.
„Мама веќе почна да биде како менаџер, бидејќи е добра со сите и секој го има нејзиниот број. Минатата недела ѝ реков: ‘Мамо, ти си ми мајка, не си ми менаџер. Остави го телефонот, не договарај работи и уживај во тоа што си ми мајка’“, рече Јаков.
Зборувајќи за неговата авторска работа, Јаков откри како настанал големиот хит „Ја волим“ и каква е неговата улога во тимот со соработничката Лаура.
„Оваа песна природно и брзо го најде својот пат. Јас го пишував делот: ‘Ја волим кад си ту, јер када те нема за сваку моју песму понестане тема’ и делот: ‘А шта сам знао ја, то није био план’“.
Тој откри дека во процесот на пишување, тој е оној што често ги „филтрира“ идеите.
„Лаура ќе напише реченица, а јас ќе ѝ кажам: ‘Не ми е тоа тоа, пробај го овој збор’. Таа го пакува текстот, а јас некако ја насочувам“.
Јаков заклучи дека големите градови како Загреб секогаш му биле инспирација и мотивација да бара повеќе од себе и од својата уметност.
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јаков Јозиновиќ: Од Тоше Проески научив како да бидам добар човек


