ВИДЕО | Изненадување на Коачела – Мадона ѝ се придружи на Сабрина Карпентер на сцената, направија вистинско шоу
Поп-иконата Мадона ги изненади фановите на фестивалот Коачела, кога се појави како специјална гостинка за време на синоќешниот настап на Сабрина Карпентер.
Препорачано
„Кралицата на попот“ ѝ се придружи на сцената на младата ѕвезда, со која изведоа дуети на хитовите „Vogue“ и „Like A Prayer“, како и песна од новиот албум на Мадона.
Настапот следуваше по неколкудневни шпекулации дека таа ќе се појави на фестивалот во пустината во Калифорнија. Само два дена претходно, Мадона официјално го најави излегувањето на албумот „Confessions II“, продолжение на нејзиниот албум од 2005 година „Confessions On A Dance Floor“.
Откако Карпентер ја заврши изведбата на „Juno“, Мадона се појави на сцената во моментот кога започна интрото на „Vogue“, додека танчарите заземаа пози.
Со усогласени руси фризури и корсети од тантела, двете пејачки го изведоа хитот од 1990 година, по што прошетаа по сцената и ја отпеаја „I Feel So Free“ од новиот албум на Мадона.
Обраќајќи ѝ се на публиката, Мадона се потсети на својот прв настап на Коачела пред 20 години.
„Пред точно 20 години настапив на Коачела. Тогаш бев во денс-шаторот и за првпат го изведов ‘Confessions On A Dance Floor’ во Америка. Тоа беше неверојатно искуство за мене“, рече таа.
„Можете да замислите колку ми значи што сум повторно тука по 20 години – како да се затвори кругот. Ова е многу емотивен момент за мене“, додаде Мадона.
Во еден момент, таа на шега истакна дека ова ѝ е првпат да настапува со некој понизок од неа.
Двете пејачки настапот го заокружија со заедничка изведба на „Like A Prayer“.
Мадона првпат настапи на Коачела во 2006 година, а подоцна се врати и како гостинка на настапот на Дрејк во 2015 година, кога предизвика големо внимание со бакнеж на сцената.
Оваа соработка дојде во текот на втората недела од настапите на Карпентер како главна ѕвезда на фестивалот.
Фестивалот Коачела се одржува во два викенда и секојдневно привлекува повеќе од 100.000 посетители во Индио, Калифорнија, каде се организира од 2002 година.
ВИДЕО | Дваесет и една година подоцна, Мадона најави продолжение на својот култен албум


