ВИДЕО | Историски ден за македонската гејминг индустрија
Македонија, поточно Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (МГИ) влезе во Европската федерација за гејминг индустрија, по тој повод денеска за првпат кај нас се одржува Првата конференција за развивање игри во Македонија, насловена „Game Dev Rev 2025“ (GDR25).
Зошто е ова важно? Затоа што отсега па натаму, за развојот на македонските видеостудија ќе добиваме финансиска поддршка од ЕУ, или што би рекол претседателот на МГИ, Гораст Цветковски ќе имаме каде да се жалиме.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Октомври е месец на револуцијата, па затоа одлучивме така да ја наречеме оваа конференција, бидејќи навистина со овој момент правиме револуција на ова поле. Воедно „рев“ во компјутерскиот јазик значи завршеток или една завршена револуција. Овој настан, едноставно објаснето значи спој на повеќе гранки во едно, како програмирање, арт, 3Д моделирање, музика, режија итн. Во Македонија има околу 30 видеостудија, а околу 400 професионалци се активно вклучени во оваа индустрија. Последнава година е многу плодна за нас, пред неколку месеци станавме официјална членка на Европската федерација за развивање на игри, тоа е многу голем чекор за нас, тоа значи дека сега ќе имаме каде да се жалиме за сите проблеми со кои се соочуваме – вели Цветковски.
На настанот беа вклучени 35 учесници од Америка, Јапонија, Велика Британија, Шпанија, целиот регион … меѓу кои и врвни говорници како Јари-Пека Калева, претседателот на Европската федерација за развивање на видеоигри.
Еден од учесниците е и Кеј Хироки од Јапонија, кој е повеќе од 30 години дел од оваа индустрија.
-За првпат сум во Македонија, среќен сум што ја има можноста да партиципирам на оваа конференција. Досега немав слушнато за ниту една македонска видеоигра, сега на овој настан се сретнав со неколку и ќе имам можност да се запознаам со повеќе – рече тој за „Слободен печат“.
Марко Штрба, директор на инди-студио, основано во едно мало село близу Нови Сад, вели дека е првпат во Македонија и дека ова е огромен успех за нашата земја.
-Дојдов да го поддржам овој настан и да се запознаам директно со Македонците вклучени во гејминг индустријата. Познати ми се македонските видеоигри, но досега не сум имал прилика да играм ниту една. Сега ќе ја искористам шансата и ќе појдам во „Инди зоната“ за да пробам некоја од вашите игри – вели Штрба.
Македонското студио за развој на видеоигри Furios Avokado нè вивна во светска слава откако нивната игра беше симната 200 милиони пати. Се работи за хитот Tie Dye, игра што стана „еднорог“ и ја освои светската мобилна сцена. Овој успех покажа дека и локално студио може да изгради меѓународно влијание и да стигне до милиони играчи. Поразговаравме со Наум Михајловски, извршен директор на Furios Avokado.
-Ова што ни се случува е огромен чекор за да се вклопиме во светските трендови и верувам дека ќе биде иницијална каписла за развој на индустријата, за поттикнување на младите да се вклучат и подигнување на свеста за тоа што значи ова како индустриска гранка, која е многу развиена во регионот. Денешниот ден е од монументално значење. Ние многу каскаме зад сите, кај нас се развива многу бавно, но среќен сум што одиме во нагорна линија – вели Михајловски.
Во рамките на настанот беше поставена изложба, ЕКСПО за инди-игри, се работи за мали студија, на кои им се дава шанса, со тоа и поддршка, да ја покажат својата работа транспарентно со присутните. Во овој дел ја запознавме уметницата Софија Шахпаска која имаше штанд со рачни изработки.
-Јас ги сакам видеоигрите оттаму желбата да изработувам аватари како фигури. Сфатив дека кај нас не е застапено тоа, па си реков зошто да не почнам. Овде учествувам како самостоен уметник со цел да ја покажам својата работа. Ние уметниците немаме простор често да ги покажеме нашите производи директно до потрошувачите, среќна сум што сум дел до овој настан – рече таа.
Со Елена Бојаџиева, како дел од организацијата поразговаравме за застапеноста на жените во гејминг индустријата.
-До неодамна постеше стигмата дека ова е машка индустрија, но го покажавме спротивното. Ние работиме еден проект наречен Game divas, којшто ги опфаќа земјите на Западен Балкан, со цел да ги поддржиме сите жени и девојки кои се дел од индустријата на видеоигри. Нашата мисија е да го продолжиме овој проект и да влеземе и во училниците со цел да ги запознаеме и средношколците со оваа сфера – рече Бојаџиева.
Конференцијата собра повеќе од 300 посетители и даде уникатна можност за вмрежување, размена на идеи и инспирација меѓу локалните и меѓународните девелопери. Идејата е во иднина овој настан да прерасне во традиција.


