ВИДЕО | Исповед на руски офицер: „Нашите војници мачеа Украинци, не можам да си простам“

Поранешен руски воен офицер изнесе тврдења за бруталните испрашувања на руските војници, за време на кои Украинците биле убивани и им се заканувале со силување. Офицерот Константин Јефремов, во ексклузивно интервју за „Би-Би-Си“ изјави дека Русија него го смета за предавник и дезертер.
На едно место во јужна Украина, испрашувањата и мачењата траеле една недела, открива Ефремов: „Секој ден, секоја вечер, понекогаш и двапати дневно“. Ефремов неколку пати се обидел да ја напушти војската, а на крајот бил отпуштен бидејќи одбил да се врати во Украина. Тој сега побегнал од Русија.
Користејќи фотографии и воени документи обезбедени од Јефремов, „Би-Би-Си“ потврди дека рускиот офицер бил во Украина на почетокот на војната – во регионот Запорожје, вклучувајќи го и градот Мелитопол.
Константин Јефремов до неодамна бил офицер во руската армија со чин поручник. Тој бил распореден во Украина минатата година и се согласил да зборува за злосторствата на кои бил сведок таму – вклучително и тортурата и злоупотребата на украинските затвореници. Тој зборувал за неговите другари кои ги ограбувале окупираните територии на Украина и опишал брутални испрашувања водени од руски полковник, при што мажи биле убивани и им се заканувале со силување.
На 10 февруари 2022 година, Јефремов пристигнал на Крим, украинскиот полуостров што Русија го анектираше пред девет години. Тој бил командант на единицата за деминирање на 42-та дивизија за моторизирана пушка и обично бил стациониран во Чеченија, во рускиот Северен Кавказ. Тој и неговите луѓе биле испратени да учествуваат во „воени вежби“: „Тогаш никој не веруваше дека ќе има војна. Сите мислеа дека ова е само вежба. Сигурен сум дека ни високите офицери не знаеја“ .
Ефремов се сеќава дека руските војници лепеле ознаки за идентификација на нивните униформи и ја насликале буквата „З“ на воената опрема и возилата. За неколку дена, буквата „З“ станала симбол на она што Кремљ го нарече „специјална воена операција“.