ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Тимотеј Андоновски и Ерхан Јајовски, виртуелни возачи: Шампиони на Ле Ман од својата соба!

Двајцата млади Македонци, Тимотеј Андоновски и Ерхан Јајовски заедно со нивниот тим Р8Г Еспорт предводен од познатиот автомобилист Роман Грожан го освоија првото место на виртуелната 24-часовна трка Ле Ман, која во реалниот живот се вози во Франција.
Виртуелното возење во светот станува сѐ попознато, а двајцата македонски возачи беа гости во студиото на „Слободен печат“ каде раскажаа за нивниот успех, но и за Еспортот во Македонија.
Идеалната комбинација од љубовта кон автомобилите и играњето видео игри како хоби ги втурнало двајцата Македонци во водите на виртуалното возење. Тие во последниве години биле учесници на неколку трки, но успехот на Ле Ман е најголем досега.
Самиот факт што познати возачи како Роман Грожан и Макс Ферстапен биле тренери на овие млади возачи, укажува на подемот кој го бележи овој еспорт.
Трката која 24 часа ја возеле од својата соба е иста како и онаа во реалниот живот. Во секој автомобил има по четири возачи, кои однапред се договараат кога ќе ги извозат своите часови. Сударите меѓу автомобилите и паузите кои се дел од реалните трки се отсликани и во виртуелните.
Андоновски и Јајовски возеле автомобил специјално дизјаниран од „ферари“ кој без никакви софтверски проблеми ги однел до првото место.

Како што вели Андоновски, виртуелното возење за него е хоби, додека пак Јајовски е еден од најпознатите виртуелни возачи во Европа. Тој учествувал на неколку трки низ САД и Велика Британија, каде добил голем број награди. Тие се во водите на виртуелното возење уште од 2017 година, кога всушност и се развил овој еспорт.
Еспортистите од Македонија бележат големи успеси, но сѐ уште не им се посветува доволно внимание. Македонија е двократен светски првак во играта „Кантер Страјк“, а имаше и учесник во клубот кој освои светска титула и во играта „Дота 2“.
Тие ја претставуваат земјата на светско ниво, а преку еспротот наоѓаат начин како да го живеат својот сон, играјќи видео игри и освојувајќи големи суми на пари.
Многу од родителите на своите деца често им велат да не седат многу на компјутерите и на видео игрите, но во овие времиња децата можат да им докажат дека еспортот и играњето видео игри се сериозни кариери каде можат да заработат голема количина на пари.