ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Максим Димитриевски: Ако некој ви каже дека не сте Македонец туку Бугарин и да се молчи е срам за државата

Максим Димитриевски - градоначалник на Куманово / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Во сопствена држава ви доаѓа некој и ви вели вие не сте Македонец, Македонија е составен дел на друга држава, ви се отвораат големо бугарски, големо албански, па и големо српски, големо грчки идеи од страна на поединци, а притоа ние молчиме. И нашиот министер за надворешни работи наместо веднаш да упати протестна нота и да се продискутира на повисоко ниво е загрижен и оди како претставник на ОБСЕ во Украина да ја спасува Украина. Украина е голема приказна, голема војна. Дај да видиме што ни се случува тука во дворот, да го спречиме тоа“.  Ова меѓудругото го истакна кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски при гостувањето во емисијата „Утрински печат“ одговорајќи на новинарско прашање во врска со последните бугарски провокации упатени од Скопје од страна на европратеникот Ангел Џамбаски на чествувањето од смртта на Мара Бунева.

Тој изјави дека молкот од Владата е повеќе од срамен во овој момент.

Срамно, еден премиер и претседателот на државата кои се и мои претседатели и премиери и ме претставуваат и мене и секој граѓанин на оваа држава да молчат. Сериозна држава институционално реагира на вакви работи. Замислете што се случи од страна на соседна Бугарија на сите тие претставници коишто доаѓаат, всушност и дефакто се добро координирани со матичната држава. Состојбата таму е поинаква, имаме во Бугарија, во Србија, како и во останатите наши соседни држави многу пријатели, но официјалната политика е нешто поинаку, особено популистичката политика којашто се презентира преку претставници на одредени националистички партии како што е ВМРОБНД и останатите. Но ме загрижува фактот дека она што успеаа Глигоров и Жељев да го зближат помеѓу нашите две држави во изминатите три децении всушност сегашните политички елити го одалечија со километри и километри“, истакна Димитриевски.

Во емисијата, Димитриевски напомена дека Македонскиот и бугарскиот народ е близок, постојат поединци со лични убедувања и тоа се факти на којшто секој им робува.

„Но, дополнително морам да кажам дека имаме многу пријатели, многу блиски контакти, почит од една и од друга страна, голем број на студенти, дополнително, голем број на мешани бракови, многу семејни врски и факт е дека таа наша историја во многу моменти и се спојува треба да се искористи за зближување, но ние имаме наша историја, бугарите си имаат своја историја и тука сме унисони по однос на историските прашања, но како и да е времето лекува се, мислам дека и овие детски работи ќе ги надминеме, посочи Димитриевски.

Димитриевски изјави дека не е проблем да се прославува Мара Бунева, убеден дека таа е Македонка и треба да се чествува, доколку се дојдени зошто да не чествуваат, но праша зошто се потребни провокации?

– Ванчо Михајлов да ми го веете во сред Скопје, денеска во 21 век по сето она што фашистите го направија на овие простори и фашистичка Бугарија. Да поставувате знаци и табли на фашистички соработници ширум Македонија, па видете во мое Куманово имало околу 900тини жртви на фашистичкиот окупатор, да не зборувам за цела Македонија. Факт е дека тоа мора државата да постапува во однос на таквите појави, а не да вели тие да отворат клуб, а ние дополнително ќе сме го менувале законот и ќе сме ги решавале проблемите – посочи кумановскиот градоначалник.

Состојбата во државата, тој ја дефинираше како една лимбо ситуација или една општа аморфна маса во којашто секој се наоѓа себе си во одреден дел без разлика дали се работи на позицијата или пак на опозицијата.

„На Македонија и недостасуваат многу работи, првенствено за да се постигне политичка стабилност првенствено треба да обезбедите доволно средства и пари за да го одржите буџетот, бидејќи нашиот буџет генерално се базира на социјални трансфери со кои се купува социјалниот мир на државата. Македонија оди во рамка на банкротирани држави, многу брзо ќе се најдеме таму ако не се изнајде начин за поголема самоодржливост на државата, да се создаде поголем бруто национален производ на државата, да произведете повеќе, да изнесете повеќе, а што помалку да увезете и да создадете дополнителна вредност на самоодржливост“, рече Димитриевски.

Димитриевски истакна дека Македонците ја губат државата секојдневно и тоа мора да се спречи.

„Во Македонецот, кај македонците владее дебела поделба по резултат на политиката. Мора да се стави крај на таквата политика. Па јас не сум непријател со моите политички опоненти, ниту со Ковачевски, ниту со Мицкоски, ниту со кој било друг. Со Ковачевски моите односи се многу поблиски отколку со Мицкоски. Пред некој ден разговарав со Ковачевски, а можеби пред десеттина дена разговарав со Мицкоски. Политиката е дијалог, разговор, убедување, компромис. Јас не можам да имам лоши односи со одредени поединци претставници на политички субјекти, а да сакам да делувам политички и да креирам политики коишто ќе ја подобрат состојбата во државата“, рече Димитриевски.

Градоначалникот Димитриевски говореше и за уставните измени, можноста од предвремени избори но и за тоа што е сработено на локално ниво во Куманово.

Повеќе од разговорот со градоначалникот на Куманово Димитриевски можете да погледнете во видеото во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот