ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Иво Ранѓеловиќ: Ми побараа мито за извод од матичната книга на венчани
Корупцијата е сеприсутна во Македонија и може да се забележи на секој чекор, вели аналитичарот Иво Ранѓеловиќ, кој беше гостин во емисијата Утрински печат.
Препорачано
– Бев да извадам извод од матична книга на венчани за моите родители и во институцијата немаше пенкало. И додека барав пенкало се понуди еден човек да ми помогне, ми го даде пенкалото да го пополнам формуларот и ми понуди за 1.000 денари потоа кај него да го дадам барањето, за изводот да биде ефикасно издаден – вели Ранѓеловиќ.
Тој смета дека основната причина за корупцијата е стравот за егзистенција на Македонецот, кој не е сигурен во својата иднина.
– Македонското општество има егзистенцијален проблем, а тоа е стравот за преживување. Просечниот Македонец гледа извор на своето преживување преку партијата, за добивање функција или вработување. Секој втор Македонец, ако не и секој ќе ви каже дека државната администрација е најсигурниот извор на егзистенција. Кога еден индивидуалец ќе дојде на функција или ќе се вработи, неговиот личен калкулус е дека во наредните четири години со доаѓање на нова власт неговата егзистенција ќе биде загрозена или во најмала рака неговата позиција ќе биде деградирана. Токму тука се отвара простор за корупција, односно тоа е мотиватор или стимулатор за секоја индивидуа за коруптивни дејанија – вели Ранѓеловиќ.
Тој тврди и дека Македонија е клинички мртва, а „кислород на цевче“ добива од неколку странски амбасади, кои вбризгуваа пари во системот со цел да се продолжи животот на земјата.
– Пријателските држави ја помагаат Македонија, но тие тоа го прават за задоволување на одреден интерес, односно концесија. Борбата со корупцијата треба да произлезе однатре, а од странство можеме да добиеме одредена помош, но не можат оттаму да ја водат нашата борба – додава тој.
Ранѓеловиќ во интервјуто за Утрински печат посочи дека војната во Украина дополнително ги подобри условите за корупција во нашиот регион.


