ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ирена Цветковиќ: Институциите затајуваат кога жена е жртва на насилство, покажа случајот со „дивиот таксист“

Ирена Цветковиќ - коалиција ''Маргини'' / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Случајот познат во јавноста со „дивиот таксист“ всушност покажува убав пример како се третира од нашите институции системот на насилството врз жените. Девојката на неколку пати била повикувана во полиција да докаже за тоа што и се случувало, додека во меѓувреме таксистот ја напушти државата. Она што најјасно го говори овој случај е тоа што институциите не само што паднаа на испитот за нивната ажурност, туку тие никогаш не ни го ни положија испитот, кога станува збор за жената кога е жртва на насилство. Ова меѓудругото го истакна при гoстувањето во емисијата „Утрински Печат“ Ирена Цветковиќ д-р од областа на родовите студии и член на Коалицијата „Маргини“.

Цветковиќ посочи дека постојат неколку клучни карактеристики на системот кога жената е жртва на насилство.

– Едниот начин на кој реагираат институциите надлежни за оваа проблематика во вакви случаи е да се банализира искуството на жртвата со образложение, па добро тоа може на секого да му се случи, не е ништо страшно, полицијата тука постои за тешки кривични дела. Вториот, но можеби и најчест, е да се тргне со недоверба на жртвата. Да се бараат скриени намери дека тоа се прави за да се наруши честа на некој честит маж. Дека тоа се прави за да се привлече внимание и сл. И трета карактеристика или начин на кој што институциите реагираат, е да се бара веднаш некаде вината во жртвата, каде тоа беше и со случајот со девојката и таксистот пресликана и во коментарите на дел од граѓаните по објавата на веста а тие беа што барала девојката во 4 часот изутрината да се вози со такси – истакна Цветковиќ.

Цветковиќ објаснува дека таа е загрижена дека родово базираното насилство, наместо да се искоренува, дополнително се нормализира и прелева во сите сфери на нашето постоење.

– Се додека не седнеме и не се договориме сите дека тоа е за нас важен проблем за едно општество, за една држава и еден систем на кој што ќе се посветиме дека ќе го решаваме, не можеме да очекуваме промени. Ние немаме ниту влог во образованието, култура и до некаде и во медиумите, нема никаков влог во правосудните системи и полицијата ова да се промени. Накратко кажано пропустливи се сите закони кои се насочени да го спречат и заштитат насилието врз жените во земјава. Се додека законот напишан на хартија не се спроведува од оние чии што мандат е да го спроведуваат, ќе се провлекуваат ваквите состојби во општеството – тврди Цветковиќ.

Цветковиќ од Коалицијата „Маргини“ во разговорот се осврна и за порастот на антиродовите движења во земјава, правата на малцинските групи но и нееднаквиот третман на лицата кои на било кој основ се разликуваат.

– Антиродовите движења во земјава и регионот наоѓаат една плодна почва за нивно дејствување. Една од причините за нивната активност во Македонија е тоа што ние имаме традиционално некаква задршка кон либералните вредности, иако сме дел од Западот ние не ги сметаме како наши вредности иако не знам зошто демократијата, правата и слободите не би биле наши вредности. Тие, често се појавуваат кога дадена земја ќе ја усвои Истанбулската конвенција, па тие за жал ни доаѓаат како еден вид на багаж после овој важен документ а нивната главна цел не е ништо друго освен да се спречи прогресот на општестовото – рече Цветковиќ.

Ирена Цветковиќ во разговорот зборуваше и за стереотипите, предрасудите но и говорот на омраза во учебниците, проблемите со реформите во образованието, сексуалното образование кај учениците но и за тоа дали се почитуваа човековите права на малцинските групи во земјава.

Повеќе од разговорот со Ирена Цветковиќ погледнете во видеото во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот