ВИДЕО | Хутите ги покажаа заробените морнари од потонатиот грчки брод „Етернити Ц“
Јеменските бунтовници Хути вчера објавија видео на кое се гледаат морнари од товарниот брод „Етернити Ц“, кој потона откако беше нападнат во Црвеното Море на почетокот на јули.
Препорачано
Според соопштението на Хутите, „11 членови на екипажот беа спасени на море, вклучувајќи двајца повредени. Телото пронајдено на бродот пред да потоне е однесено во мртовечница“.
Бродот „Етернити Ц“, во грчка сопственост, беше нападнат на 7 јули од пловечки дронови и вооружени лица на моторни чамци, додека пловеше на приближно 50 наутички милји од јеменското пристаниште Ходеида.
Мисијата „Штит“ на ЕУ во регионот на Црвеното Море објави дека 15 од 25-те членови на екипажот на бродот „Етернити Ц“ под либериско знаме се водат како исчезнати по нападот на Хутите. Четворица од нив се убиени.
Од ноември 2023 година, јеменските бунтовници, сојузници на Иран, започнаа серија напади со ракети и беспилотни летала врз Израел и бродови за кои веруваат дека се поврзани со Израел, САД и Велика Британија, велејќи дека дејствуваат во солидарност со Палестинците во Појасот Газа.
Минатиот мај, тие се согласија да престанат да напаѓаат американски бродови во замена за прекин на американското бомбардирање на позициите на движењето во Јемен.


