ВИДЕО | Гори цела зграда во Тирана, хеликоптери спасуваат станари
Голем пожар во Тирана избувна попладнево во станбена зграда кај „Фармација 10“, спроти Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, откако пламенот ја зафатил фасадата и брзо се проширил, а пожарникарите почнале евакуација на станарите со скали и со возила за интервенција. Албанските медиуми јавуваат дека огнот предизвикал силен чад и паника во околната зона, додека причината за пожарот засега не е официјално соопштена.
Препорачано
Интервенцијата траела додека во објектот сè уште имало луѓе, а најдраматични беа снимките од извлекување станари од повисоките катови. Најмалку една постара жена била спасена од станот во кој останала блокирана, додека пожарникарите влегувале во зградата за да проверат дали има уште заглавени лица.
Два хеликоптери „Кугар“ им помагаа на пожарникарите.
Во првите часови по пожарот бројките за повредени се менуваа, а засега се знае дека повеќе луѓе завршиле на лекарски преглед поради вдишување чад. Според првичните информации, четворица се повредени, меѓу кои и пожарникар, а тројца станари и двајца пожарникари биле пренесени во Ургентниот центар со знаци на задушување, а уште една станарка била транспортирана со амбулантно возило.
Поради близината до болницата, во состојба на готовност биле ставени и Ургентниот центар и одделот за пластична хирургија и изгореници.
Случајот отвори и пошироко прашање за безбедноста на ваквите комплекси, особено затоа што и во 2021 година во истиот објект избувнал пожар во неколку станови на горните катови.


