ВИДЕО: Голем бод на Македонија против актуелниот европски шампион Италија

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонската фудбалска А репрезентација на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во квалификациите за ЕП 2024 одигра 1:1 против еден од фаворитите во групата „Ц“ против актуелниот европски шампион Италија.

Почетната иницијатива и поголема контрола на топката имаа нормално фаворитите на овој меч, играчите на Лучано Спалети кои веќе постигнаа гол во третата минута, но истиот беше поништен поради офсајд.

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Фудбалерите на Милевски мораа да го издржат притисокот кој го вршеа Аѕурите кои имаа проблеми и со лошиот терен, на што се пожалија и пред стартот на натпреварот.

Првата убава шанса Италија ја имаше по изведен корнер, Кристанте највисоко скокна, но неговиот удар заврши покрај голот на Димитриевски.

Италија беше сè поопасна, одржуваше високо ниво на игра, а во 19 минута се најдовме во прекрасна прилика да реализираме, откако Алиоски украде една топка, силно тргна во напад, убаво го пронајде Миовски кој се закани со глава, но само покрај голот на Донарума.

Казната можеше да стигне лесно на спротивната страна, во контра беше Тонали во идеална можност да се запише во листата на стрелците, но ја погоди стативата.

Полека се ослободувавме од притисокот, сега ние настојувавме повеќе да бидеме на половината на Италијанците, првата сериозна шанса во 38 минута ја имавме преку Елмас кој шутираше од околу 20 метри, но сигурен беше Донарума.

Непосредно пред паузата во казнетиот простор се повреди голманот Димитриевски, за среќа ништо посериозно. Се заканивме и преку Миовски, но неговиот удар беше блокиран.

Само што започна второто полувреме успеа да дојде до толку посакуваниот гол кој го бркаше во првите 45 минути против Македонија во квалификациите за ЕП 2024.

Манев не ја острани најдобро топката од нашиот казнет простор во 47 минута, Барела шутираше, топката удри во стативата, на одбиената топка добро реагираше Имобиле кој со глава донесе водство.

Имаше и ВАР контрола за да се провери дали е сè чисто во погодокот на гостите, главниот судија од Франција Франсоа Летексие покажа на центарот за потврдена предност на Италија.

По примениот погодок бевме свесни дека сега мора да нападнеме кон италијанскиот гол по израмнување, тоа за малку не успеа да го направи Елмас во 67 минута, но топката помина за малку покрај десната статива на Донарума.

Потоа, во 76 минута нововлезениот Димоски изнуди прекршок за слободен удар од 20 метри, но Алиоски беше блокиран. Конечно, дојдовме и ние до погодок, и тоа од слободен удар кој прекрасно го изведе Барди за 1:1.

Претходно беше фаулиран Елмас, а играчот на турскиот клуб Трабзонспор Барди од околу 20 метри, фантастично стрелаше во мрежата на еден од најдобрите голмани на светот, Џанлуиџи Донарума.

До крајот го издржавме и последниот налет на Италија која последната прилика да си оди со победа од ова гостување ја имаше преку Кристанте, но шутираше право во Димитриевски.

Квалификации ЕП 2024
Национална арена „Тодор Проески“ – Скопје, Гледачи: 28.000
Македонија – Италија 1:1 (0:0)
Барди 81` / Имобиле 47`
Македонија: Димитриевски, Муслиу (Серафимов 78`), Манев, Зајков, Алиоски, Барди, Атанасов (Иљазовски 90+1`), Елези (Алими 74`), Ашковски (Димоски 74`) , Елмас, Миовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот