Фото: ЦУК

ВИДЕО| Еден загинат и неколку изгорени куќи во 12 села е билансот од вчерашните пожари

Пламените јазици со кои се справува Македонија веќе еден месец ја земаа и првата жртва. Вчера повозрасно лице се задушило од чад во пожарот што го зафатило кумановското село Кокошиње, а неговата сопруга била успешно евакуирана, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Во текот на вчерашниот ден имало 42 пожари, од кои 17 се сè уште активни, четири се под контрола, а 21 е изгаснат.

Од огнената стихија зафатени се и 12 села. Во Кумановско со пожар биле зафатени три села, исто толку и во Старо Нагоричане и во Свети Николе, две села кај Пробиштип, како и штипското село Стар Караорман.

Фото: ЦУК

Најголемиот дел од опожарените куќи биле стари и во нив не живеел никој, но изгореле и активни живеалишта, како и неколку викендички.

Поради сериозноста на пожарите мораше да се евакуираат и жители на опожарените села. Самиот Ангелов ги убедуваше жителите да ги напуштат домовите кои беа во опасност да бидат опожарени.

„Тешки и опасни моменти. Загрозени беа животите на луѓето, а некои жители не сакаа да ги напуштат домовите иако огнот беше многу близу. Едноставно, од страна на пожарникарите, се проверуваа и дел од загрозените од пожарот куќи, за некој жител случајно да не останал. Тешко им беше да ги напуштат домовите…“, изјави Ангелов.

Во моментов пожарот е закана и за Свети Николе, но се прават напори да биде локализиран со цел да не дојде до првите куќи во градот. На терен освен пожарникарите се и припадници на Армијата, а од воздух ќе делува еден армиски хеликоптер Ми-17 и три ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.

Министерството за внатрешни работи информираше дека полициските хеликоптери вчера исфрлиле 50 тони вода врз пожарите во Светиниколско.

Од ЦУК информираат дека пожарот над Прилеп во кој  беше во опасност да изгори манастир е локализиран.

Според првичните проценки, само на планината Серта се изгорени речиси 9.000 хектари на шума, нискостеблести растенија и трева.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот