ВИДЕО: „Два во еден“, ПСЖ направи пресврт без Меси кој играше само 45 минути

Лионел Меси изненадувачки играше само едно полувреме во дербито со Лил/Париз, Франција/29 октомври 2021/Фото: EPA-EFE/YOAN VALAT

Фудбалерите на ПСЖ славеа во дербито на 12 коло на француската „Лига 1“, откако по пресвртот од 2:1 го победија Лил на „Паркот на принцовите“, со головите на Маркињос и Ди Марија.

Првото поголемо возбудување се претвори во гол кога во 31 минута, Џонатан Дејвид по одличната акција на Лил лесно го совлада Џанлуиџи Донарума по асистенцијата на Бурук Јилмаз. Најдобрата шанса во првото полувреме за домашните ја имаше Анхел Ди Марија, чиј обид откосо во 40 минута заврши покрај голот.

Големо изненадување на почетокот на вториот дел беше одлуката на тренерот на париските „светци, Маурисио Покетино, да го замени Лионел Меси, а во игра влезе Мауро Икарди.

После многу обиди, израмнувањето дојде во 74 минута по тројна акција во која учествуваа Нејмар и Ди Марија, а реализатор беше Маркињос, кој одлично се снајде на втората статива. Пред голот се консултираше ВАР кој процени дека нема ништо спорно во дуелот помеѓу Икарди и Грбиќ.

Израмнувачкиот гол им даде храброст на играчите на Покетино уште посилно да го нападнат голот на гостите. Најдобрата шанса да му донесе победа на ПСЖ Икарди ја пропушти во 85 минута, чиј удар од добра позиција заврши покрај голот. Победата за домаќинот ја донесе Ди Марија со голот во 88 минута кога постигна гол по одличната комбинација со Нејмар.

Како што натпреварот се приближуваше кон крајот, нервозата се зголемуваше. Лил очајно се обидуваше да израмни, но немаше позначајна закана кон голот на Донарума, па ПСЖ отиде на плус 10 со натпревар повеќе од второпласираниот Ленс. Лил падна на 11 место и веќе може да се „збогува“ со одбраната на титулата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот