ВИДЕО| Државна лабораторија во Куманово издава незаконски резултати без доктор микробиолог, со знаење на Министерството за здравство и Инспекторатот

Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Микробиолошката лабораторија во Центарот за јавно здравје Куманово, не само што незаконски им издава резултати од микробиолошки анализи на пациентите за сериозни заболувања, без да има вработено доктор микробиолог, туку и преку инспектори на инспекторатот за труд, се прават обиди да се „спаси“ директорот на институцијата, доктор Ариф Латифи од одговорност зашто ненавремено побарал од Министерството за здравство да му го продолжи работниот однос на пензионираниот микробиолог со што институцијата автоматски доби забрана да врши лабораториска дејност. Дури и изутринава пациенти добиваат изготвени резултати без воопшто да биде потпишан микробиолог на нив и да стави печат на резултатите – од причина што го нема во установата. Резултатите изгледаат вака:

 

Според сигурни и потврдени информации на „Слободен печат“ за кои имаме материјални докази, раководителот на трудов инспекторат Амир Имери, предложил трудови инспектори да го поништат решението кое го донел самиот директор на ЦЈЗ Куманово Ариф Латифи со кое што на докторот микробиолог му престанува работниот однос заради заминување во пензија.

Меѓутоа, инспекторите не сакаат да постапуваат незаконски и тие да бидат оние кои што ќе поништат туѓо решение. Тие не можат да поништат решение што не го донеле, туку го донел самиот директор, откако претходно ненавремено од МЗ побарал продолжување на работниот однос на докторот. Решението за престанок на работен однос не треба да го поништи трудовиот инспекторат како што им се прави притисок на трудови инспектори, туку самиот директор на ЦЈЗ Куманово, Ариф Латифи, тврдат нашите извори упатени во предметот.

По објавувањето на сторијата на „Слободен печат“ во која вчера обзнанивме дека Центарот за јавно здравје работи без микробиолог, кој е неопходен и законски услов за да се издаде било каков резултат од микробиолошка анализа (и тој микробиолог да биде носител на дејност, а не консултант), во нашата редакција почнаа да стигнуваат многубројни резултати од микробиолошки анализи од пациенти, од кои се потврдува дека дури и откако Државниот здравствен и санитарен инспекторат ѝ забранил на микробиолошката лабораторија да работи, таа не само што продолжила со работата, туку и на резултатите фигурираат печати на микробиолози во пензија или пак нема никакви печати. Овие резултати „Слободен печат“ веднаш ги испрати во ДСЗИ и во Министерството за здравство.

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска најави санкции, иако непрецизирани. На прашањето на „Слободен печат“ дали ќе го разреши директорот исто така, немаше решителен, туку политички одговор.

-Пред два дена сум запознаен со проблемот, дека нема микробиолог кај нив, а од наша страна, од Министерството за здравство е дадена согласност за микробиолог. Од првиот ден кога дојдов како министер, укажував јавно дека има менаџери кои за жал не си ја вршат работата. Има такви што не знаат да менаџираат со институциите и еве, се соочуваме со такви примери. Ќе го испитаме случајот до крај, од утре ќе има инспекции таму, да видат какви се пропустите. Мене новинарите ми се како тим во мојот кабинет. Тоа што инспекциите ќе го аргументираат, најригорозно ќе има санкции, рече Меџити. 

Овие анализи се специфични и опфаќаат огромен број на пациенти. Некои од тие пациенти се обврзани со рокови за операции, процедури за инвитро, прават различни испитувања а од точноста на резултатите им зависи здравствената состојба и идните медицински интервенции. Според професор по микробиологија и поранешен директор на Фондот за здравство, никој не смее да потпишува извештаи ако не е специјалист по медицинска микробиологија, задолжително да има лиценца од Лекарската комора, а за ЈЗУ и ПЗУ што работат со Фондот за здравство мора да има и бројче издадено од Фондот за здравство.

„Се друго е невалиден резултат. Десно се потпишува кој изработил, лево може шеф на лабораторија или директор. ФЗО таквите резултати без потпис на микробиолог не смее да ги признае и не смее да ги плати“, вели тој.

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Центар за јавно здравје Куманово на 16 август 2023,  при што е констатирано дека во моментот на надзор во микробиолошката лабораторија се вработени тројца доктори на медицина кои се на специјализација по микробиологија и паразитологија. На лекарот специјалист микробиолог по сила на закон заради остварување на пензија на 30 јуни му завршил работниот однос. Од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат е издадено решение со кое се наредува установата да не врши микробиолошка лабораториска дејност додека не се обезбеди одговорен носител на дејност“, велат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за „Слободен печат“.

Професори по микробиологија велат дека оваа струка е дефицитарна и дека се малку ценети во целата држава иако без нив не може да се изведе ниедна интервенција, детекција на болест или трансплантација. Секогаш микробиолозите се изложени на патогени, платите им се незавидни, па затоа и интересот кај младите доктори да специјализираат микробиологија е низок. Така, катастрофално е што јавните здравствени институции не планирале навремено уште пред 10 години, дека ќе останат без специјалисти по микробиологија, па сега се доведуваат во позиција микробиолозите да се пензионираат, а лабораториите да работат надвор од законот и да издаваат потенцијално невалидни резултати. За ваквиот проблем во Центарот за јавно здравје Куманово, јавноста не беше информирана ниту од ДСЗИ ниту од Центарот, иако пружаат лабораториски услуги што го опслужуваат не само Куманово, туку и Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане, Липково и Ранковце.

Издава ли ЦЈЗ Куманово без знаење на пациентите, незаконски и невалидни резултати од лабораторија, без вработен микробиолог?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот